Медиуми: Г-ѓа Шекеринска, сведоци сме на силен меѓународен притисок врз претседателот Иванов, сметате ли дека тој ќе одговори на овие повици кој не доаѓаат само од нашата политичка сцена од вашата партија, туку буквално од сите страни, и од Брисел, синоќа последната изјава беше од г-динот висок претставник, Американски дипломат Хојт Ли да го даде мандатот за да се формира нова Влада?

Шекеринска: Пораките се јасни, недвосмислени, прецизни и идентични. Не заради тоа што сите меѓународни фактори водат иста политика, туку заради тоа што во случајот со Македонија, денес, навистина човек не може да има поинаков став. Уставот на нашата држава во кој сите се колнеме, за кој сите викаме дека го браниме е многу јасен. Претседателот е должен да го даде мандатот на партија или партии кои имаат мнозинство во Собранието. Должен! Уставна должност! Уставен член, Уставна обврска! Иванов кој излегува и многу зборува за Уставот, наместо да зборува треба да дејствува во согласност со Уставот. И затоа убедени сме дека овие пораки кој практично го повторуваат Уставот за кој ние како граѓани на оваа држава сме се изјасниле, ќе продолжат и понатаму. Дали Иванов ќе постапи согласно неговата Уставна обврска е прашање кој тој треба да го одговори. Минатата година се најдовме во слична ситуација. Сите беа единствени во ставот дека помилувањата мора да се повлечат. Иванов беше тврдоглав, на крајот го промени своето мислење, меѓутоа и денес сакам да потсетам, Македонија плати веќе цена за непочитувањето на Иванов на Уставот, еднаш. Не смее, не смее како човек којшто ја врши највисоката функција во оваа држава тоа повторно да и го прави на својата земја. И затоа ако зборуваме за одбрана на Уставот што е наша обврска како граѓани, како луѓе, треба секој да почне со својата Уставна обврска, обврската на Иванов се уште не е реализирана. Тој мора, должен е, не согласно мое мислење, не согласно ваше мислење, согласно Уставот, да го даде мандатот, било каква друга позиција е сериозна злоупотреба од негова страна и како што реков насилство врз Уставот и граѓаните на оваа држава.

Медиуми: До кога ќе чекате Иванов да се произјасни и дали ќе преземете некакви чекори за свикување на Собраниска седница, од ДУИ влеат дека СДСМ е на потег?

Шекеринска: Она што го кажавме јасно пред неколку дена и понатаму важи. Ние сакаме во оваа држава да не воведуваме секој ден нови преседани. Сакаме она што гласаа граѓаните, а тоа е мирна промена на Власта, да го реализираме на дело, без да се доведуваме во ситуации да се биде или не. Заради тоа ние ќе ги продолжиме дискусиите со различните политички партии кои ги дадоа потписите на Зоран Заев како мандатар, и ќе ги влечеме потезите на договорен и усогласен начин. Македонските граѓани гласаа за промени, не за да се промени спикерот на Парламентот, ајде да бидеме искрени. Гласаа за промени за да добијат нова, реформски ориентирана Влада, којашто ќе ги менува состојбите во државата, а не за статус кво. И затоа нашиот фокус е не да ја одолговлекуваме кризата, туку да ја решаваме. И сметаме дека е тоа желба, молба, барање, од огромното мнозинство на македонските граѓани. Единствените кои се противат на ваквото сценарио се само луѓето кои знаат дека ако правилно функционира државата, тие ќе треба кривично да одговараат. Меѓутоа дајте да не дозволиме Македонија да ја плаќа цената за една група луѓе кои се огрешиле од законот, и коишто сега бараат заштита во дестабилизирање на државата.

Медиуми: Во моменти кога гледате дека Иванов не отстапува од одлуката, туку уште повеќе ја брани со барање на поддршка од различни места, дали сте ја разгледале можноста за нови избори како што бара ВМРО-ДПМНЕ, и дали има некој план за одржување на двојни избори, и локални и парламентарни?

Шекеринска: Да не заборавиме дека не се поминати ни два месеци од претходните избори. Граѓаните на оваа држава веќе гласаа и меѓу Груевски и Македонија, тие ја избраа Македонија. И заради тоа, очекувано е, со право, од сите нас вклучително и оние коишто гласале за власта во заминување, гласаат за промени во Македонија и за одлуки коишто следат после изборите. Инаку, што се однесува до локалните избори, кои согласно закон, се регулирани, единствените луѓе коишто одлагаат локални избори во моментов во Македонија, се Иванов и Груевски во негова позадина. Доколку Иванов не го изигруваше Уставот, во првиот момент, доколку го дадеше мандатот на втората политичка партија, веднаш, без условувања, без никакви точки и запирки, денеска во Македонија ќе имавме функционално Собрание, ќе имавме избран претседател на Собранието, ќе имавме претседател на Собранието кој закажал избори, и ќе имавме мандат за Влада која ќе организира избори. И затоа, наместо да зборуваат за избори треба да прекинат да го блокираат демократскиот и политичкиот процес во Македонија, да озбезбедат граѓаните да здивнат и да видат како некои работи во нашата државата одат на подобро. Тоа би било многу поконструктивно и подржавнички.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2017 18:34