Лино Червар се враќа на клупата на хрватската репрезентација. Тоа може да се заклучи по денешните преговори во Хрватскиот ракометен сојуз каде Червар кажа дека во целост се сложува со Зоран Гобац, претседателот на сојузот, соопштуваат тамошните медиуми.

Како што стои во информациите, Гобац очекува за десетина дена на официјална прес-конференција да соопшти дека досегашниот селектор на македонската ракометна репрезентација ќе се врати во својата држава и повторно ќе ја преземе селекторската функција.

– Преговорите одат во добра насока и за десет дена ќе имаме прес конференција на која ќе го потврдиме новиот селектор, изјави Гобац по денешниот состанок со македонскиот селектор и тренер на Металург.

Червар изјавил дека му е многу тешко поради статусот кој го има во македонија.

– Морате да ме разберете. Мене ми е најтешко. Се наоѓам меѓу два огна. Не би сакал сега да дава спектакуларни изјави. Тоа не е коректно и не е мој стил. Во Македонија поминав седум години и тоа е моја втора татковина. Посебно во ситуација кога и политичката ситуација многу тешка. Но , се знае од каде сум и кој сум, нагласил Червар.

Хрватскиот стручњак во Металург е тренер од 2009 година, а минатата година ја презема и македонската репрезентација. Селектор на Хрватска беше од 2002 до 2010 година и има освоено злато на Олимписките игри во Атина 2004 година и на Светското првенство во Португалија 2003 година. Од големите натпреварувања има ште по две сребрени и бронзени медали од СП и ЕП.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2017 11:16