Претседателот на Србија, Томислав Николиќ свика вонредна седница на Советот за безбедност поради иницијативата на Косово да создаде армија и одлуката на косовскиот Парламент да го прекине дијалогот со Белград до ослободување на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, јави ТАНЈУГ.

Седницата ќе се одржи в понеделник, на 13 март.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи вчера изјави дека Приштина ќе продолжи да ги реформира безбедносните сили во редовна армија, независно од реакциите на САД и на НАТО. Тој наведе дека Европа не треба да стравува од косовската армија туку од руски воени бази во Србија, од руските авиони МиГ и од руските воени вежби во Србија.

Парламентот на Косово денеска изгласа резолуција со која се бара безусловно ослободување на поранешниот косовски премиер Харадинај, кој е приведен во Франција по распишана потерница од Србија, под обвинение за извршени воени злосторства. Со резолуцијата се бара и прекин на дијалогот со Белград, доколку не биде исполнето барањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2017 14:35