По трите златни медали од СП, двете титули во лигата на шампионите, титулите во КПК и Купот ЕХФ, медалите од Олимпијада и ЕП, и првенствата на Русија и Данска, сега Ирина Дибирова ќе се обиде сопственото искуство како играч да го пренесе на сегашниот тим на Вардар.

На кормилото на Вардар повторно е поранешна ракометарка која зад себе има многу трофеи и медали. Ирина Дибирова е пред нејзиниот прв тренерски предизвик во кариерата.

„Голем предизвик е ова. Не знам што да очекувам јас како тренер бидејќи првпат сум во оваа позиција, но од девојките сигурно е дека очекувам да играат добро, да бидат среќни во нивните настапи и да ја израдуваат публиката. Сега ништо брзо не може да се се смени. За понатаму ќе видиме, вели Ирина Дибирова по првиот тренинг како главен тренер во тимот на вардарки.

Иако веднаш е „фрлена во оган" и ќе раководи со екипата која трипати по ред игра на Ф4 турнирот во Будимпешта, новиот тренер вели дека не чувствува притисок, и дека секој тим и играч секогаш може да играат подобро.

„Можеби е добро бидејќи не сум била досега тренер, и немам притисок. Јас размислувам како играч, но треба да размислувам и како тренер. Имам добра помош од Ацо Станковски и Едуард Кокшаров. Секоја екипа може подобро да игра, па и Вардар. Имаме одлични играчи со добар квалитет, и треба само да ја средиме малку тактиката и ќе биде добро. Сакам да играме и поагресивно, по борбено, вели Дибирова.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2017 14:56