Вардар првпат откако се натпреварува во групната фаза од лигата на шампионите го завршува овој дел од првото место, и првпат обезбедува директен пласман во четврт-финалето. Останува уште еден меч од групната фаза, во недела против Кристијанштад (17,30 ч. СЦ „Јане Сандански"), кој нема ништо да смени. Сепак останува обврската на Вардар да покаже дека навистина се најдобри во групата и со освоени бодови и победа да и најави на домашната публика нова средба во Топ-8 фазата.

Против Кристијанштад досега сме играче трипати, и на сите мечеви во ЛШ сме победувале. Сезонава со дуел во Шведска ја почнавме групната фаза и победивме со 28-23. Лани исто така бевме во иста група, и двапати победивме, 30-25 и 38-36.

Вардар е лидер во моментов со 18 бодови, еден повеќе од ПИК Сегед и Рајн Некар кои имаат по 17 бодови, и Кјелце како четвртопласиран со 16 бодови.

Ќе завршиме како првопласирани во групата. Немаме притисок, и треба да уживаме, да имаме добар меч во недела. Треба да бидеме сериозни, бидејќи мечот е важен и за Кристијанштад, и треба да бидеме фер. Имаат добри играчи, добар контранапад, и ќе мораме да се враќаме брзо во одбрана. Можеме брзо да постигнеме гол, но и тие играат брзо, па и лесно постигнуваа голови исто така. Очекувам да дојдат повеќе луѓе да го следат натпреварот. Салата да биде полна. Треба да уживаме во натпреварот, вели Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.

Играчите на Вардар на последниот меч од групната фаза во ЛШ најавуваат дека ќе бидат фокусирани на она што им следува, и ќе докажат дека со право завршуваат на првото место.

„Ние сме први без разлика на сѐ. Професионалци сме, и должни сме на себе и навивачите оваа фаза да ја завршиме со победа. Сериозно го сфаќаме Кристијанштад, и како што кажа тренерот да уживаме и да ја завршиме оваа фаза со победа, вели капитенот Стојанче Стоилов.

Средбата со Кристијаншатд се игра во недела во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански". Судии се Дуарте Сантош и Рикардо Фонсека. Делегат е Хелмут Виле од Австрија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2017 15:59