Јорданчно Давитков е нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Искусниот тренер го наследува Драган Раца, кој имаше неуспешна епизода на клупата на Македонија, откако не успеа да обезбеди пласман на Евробаскетот 2017.
За Давитков ова ќе биде втор селекторски мандат, откако претходно ја водеше Македонија од 2001 до 2007 година. Под неговата „палка“ нашата репрезентација обезбеди место во А-дивизијата, но откако не успеа да се пласира на Евробаскетот во 2007 година се повлече од функцијата.
„Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А што можам да кажам дека тоа беа темелите за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое и прилега. Сакам да му се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селекто“, изјави Давитков за официјалната интернет страница на МКФ.
Во својата кошаркарска кариера Давитков играше за Кочани Деликатес и Работнички, а како тренер во домашното првенство ги водеше екипите на Никол Ферт, Струмица, Балкан Стил и Работнички, беше селектор на селекцијата на Кувајт, а последно работеше во клуб во Дубаи.