Пред ракометарките на Вардар е последниот предизвик од главната фаза на лигата на шампионите, натпреварот со Турингер закажан за во сабота во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански".
Пласманот во четврт-финалето за Вардар е обезбеден, но исходот од овој натпревар ќе влијае со кој тим од Б групата ќе играме во нокаут фазата за пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.
Во 6. коло Вардар влегува како второпласиран на табелата во А групата со 13 бода, што е еден помалку од лидерот ФТЦ Будимпешта. Но, секако останува можноста да завршиме и како првопласирани бидејќи ова коло се игра дербито меѓу ФТЦ и Будуќност во Унгарија.
„Ни доаѓа последен натпревар од главната фаза во оваа рунда. Соодветен противник да се вратиме од кризата која ја имаме. Соодветен натпревар и за тренерот да стартуваме со победа, како и да ја вратиме самодовербата и во спокој во наредните три недели да се подготвиме најдобро што знаеме. Пред натпреварот со Турингер, на тимот се приклучува новиот прв тренер Ирина Дибирова, еден извонреден спортист со импозантна биографија. Ретко во Македонија доаѓаа спортисти со таков бекраунд. Навистина ни е драго што ја имаме и што ќе ни се приклучи во тимот и ќе биде во можност да сподели од огромното искуство и успесите кои ги имала. На досегашниот тренер Давид Девис можам да изразам благодарност во име на клубот за досегашниот ангажман во женскиот тим, и за она што го направи, една серијата на добри резултати во тимот со кои успеавме да бидеме првиот тим во ЛШ што обезбеди пласман во четврт-финалето. Му благодариме за неговиот професионален и коректен однос во тимот. По негово барање останува помошен тренер на Раул Гонзалес во машкиот тим", рече Гордана Нацева, претседателка на Вардар.
Нацева повтори дека промените не влијаат на амбициите на клубот.
„Можеби ова е крупен потег, но менаџментот се надева на најдобро. Амбициите на клубот не се смалени. Напротив, тие амбиции се зацртани и за тренерите и за играчите. Долга е сезоната. Но, Вардар годинава сака да оди до самата завршница на лигата на шампони", вели Нацева.
На теренот вардарки во сабота излегуваат со новиот тренер, Ирина Дибирова, поранешната трикратна светска шампионка, и двоен победник на лигата на шампионите.
„Имаме супер тим, со добри и квалитетни играчи. Сега не можеме нешто да менуваме зашто тоа ќе биде тешко и за сите наши играчи. Ни треба само поддршка. Имаме план за натпревар. Спремни сме и треба да покажеме добра игра", вели Дибирова.
Турингер во претходните натпревари со Вардар се покажа како незгоден противник, кој до последната минута не се предаваше, иако на крајот на нивен терен славевме со 31:29.
„Ни претстои натпреварот со Турингер, кој последните четири натпревари ги игра во добра форма. Не треба да се залажуваме дека ќе биде лесен натпревар зашто во групната фаза се пласирани на петтото од табелата. Имаат добра и цврста екипа. Игравме со нив пред еден месец, ја анализиравме нивната игра, имаат повеќе интернационални ракометарки, од кои главни игреачи им се чешката интернационалка Изумова, какои Мидевајзер. Тоа е екипа што игра до крај. Во сабота ќе излеземе на терен и ќе одговориме на нивната цврста игра со наше агресивно играње во одбрана, и ќе го оствариме тој очекуван посакуван резултат", вели помошник тренерот Ацо Станковски.
Подготвени за последниот предизвик од главната фаза се и ракометарките на Вардар.
„Со нетрпение го чекаме натпреварот, анализиравме сѐ што се случи и мора да играме агресивно. Од првата до последната секудна, да се бориме до крај. Ние мора да ја завршиме нашата работа. Се надевам дека публиката ќе дојде да нѐ поддржи и мора да ја подигнеме главата, да се бориме и да ги земем тие два важни бода", вели пикерот Ања Алтхаус.
„Мислам по тешкиот натпревар важно е дома да одиграш добро. Ќе се игра до крај, борбено. Полесно е тука да се игра зашто публиката ни дава дополнителна моќ. Ќе се бориме, ќе покажеме ново лице, и се надевам дека ќе победиме", вели голманот Амандин Лејно.