Вардар како првопласиран од А групата ќе влезе во четврт-финалето на ЛШ, откако во последниот меч од главната фаза на домашен терен го победи Турингер со 36-26 (19-12). Првпат вардарки во четврт-финалето тргнуваат од првата позиција во својата група и се на чекор до четвртиот пласман на Ф4 турнирот.

Противник на Вардар во четврт-финалето од ЛШ ќе биде најверојатно дански Митјилад. Останува уште утре да се одигра натпреварот меѓу последнопласираниот Есбјерг и ЧСМ Букурешт, каде европскиот првак е фаворит, и му треба барем бод за да остане на третото место во Б групата.

Првите натпревари од четврт-финалето се играат во периодот од 7 до 9 април, а реваншите се во перидот од 14 до 16 април.

Победниците од тие двомеч средби ќе се пласираат на Ф4 турнирот во Будимпешта на почетокот на мај.

Откако пред натпреварот со Турингер стигна веста за триумфот на Будуќност во Будимпешта против ФТЦ од 24-23, за вардарки имаше две опции како можат да завршат првопласирани. Им одговараше победа, што сите ја посакувавме за да го разбиеме малерот и двета средби без бодови, но и реми со што имале ист број бодови како и Будуќност и ФТЦ, но во таа ситуација Вардар е првопласиран.

Но, сите размислуваа за триумф зашто тој ќе значи поголема самодоверба, мотивација и враќање на победничките патеки пред ревачките натпревари за пласман на Ф4 турнирот. Ја ветија победата пред натпреварот и требаше да и се одолжат на публиката за двете слаби игри на претходните средби.

Шансите на Турингер не беа многу големи на мечот, бидејќи имаа само 11 ракометарки пријавени за овој дуел, од што само еден голман, и 10 играчи. Веднаш се виде дека Вардар е за класа подобар тим, поподготвен и помотивиран на оваа средба.

Гостинската голманка Дина Екерле одлично го почна мечот со четири одбрани за само пет минути. Турингер израмни на 2-2 во 5 минута, а потоа следуваше наша серија од 4-0, и две одбрани на Лејно. Откако поведовме со 6-2 на гостинскиот тренер не му преостана ништо друго освен да побара там аут и да се обиде да ги среди редовите. Но, ништо од тоа. Вардар играше добро во одбрана, знаеше како да украде топка, а во напад лесно наоѓаа начин да направат чиста позиција за гол. По една четвртина играње на натпреварот, во 15 минута веќе имавме „плус 6" за водство од 9-3.

Во 22 минута првпат имавме и седум голови предност, 13-6 по лоб ударот на Јованка Радичевиќ од крило, а откако во следниот напад Ина Суслина одбрани пенал, и овозможи на Пенезиќ да реализира за 14-6, што до тој момент беше највисока предност. Мотивирани беа вардарки на оваа средба, покажаа пожртвуваност за секоја топка, во секој напад одиграа добро, па и предноста се зголемуваше, и осумката ја направија „плус 9" за водство од 16-7, 17-8 и 18-9. На полувреме заминавме со предност од седум голови, 19-12.

Деветте голови предност што ги имавме пред крајот на првото полувреме брзо ги вратиме на самио тпочеток од вториот дел, кога имавме двапати предност, 23-14 и 24-15. Турингер се обидуваше нешто да стори, имаше серија од 2-0, но брзо возвраќавме и повторно доаѓавме до девет гола предност. Во 42 минута Јованка Радичевиќ во полуконтра првпат зголеми на „плус 10" голови за водство 27-17, што беше сигнал за гостинскиот тренер да побара тајм аут и да подели некој совет. Десното крило Радичевиќ беше расположена, и откако го постигна 9 гол на мечот за водство на Вардар од 28-17 и го препушти местото на Сара Ристовска.

Десетина минути Вардар ја одржувашпе предноста од десет голови, а во 53 минута Турингер да намали на девет голови, 30-21. Но, тоа беше само привремено. Вардар повторно си се врати на двоцифренета предност, а во 58 минута и првпат со „плус 12" голови, 36-24.

Јованка Радичевиќ постигна 9 гола, а Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ по пет голови.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2017 18:46