Еден од оригиналите на „Шиндлеровата листа“, документи кои ги користел германскиот индустријалист Оскар Шиндлер преку кои спасил повеќе од 1200 Евреи за време на Холокаустот, е ставен на продажба. Документот се очекува да достигне цена од 2,4 милиони долари.
Списокот на Евреи, запослени во фабриката на Оскар Шиндлер ја инспирираше и филмската индустрија и своевремено направија филм на оваа тема кој беше награден со дури седум оскари.
Шиндлер го потроши скоро целото свое богатство на мито за да ги спаси животите на своите вработени. Почина во 1974-тата година а погребан е во Ерусалим со целосна погребна церемонија.
„Овој неверојатно редок оригинал на Шиндлеровата листа е единствен кој се појавил на продажба. Постојат уште три други оригинали за кои се знае, два во Јад Вашем во Ерусалим и еден во Американскиот музеј на Холокаустот во Вашингтон“, стои на сајтот на аукциската куќа „Moments in Time“ кои додаваат дека не може да се замисли попотресна и историска реликвија на Втората светска војна.
Се претпоставува дека овој редок и единствен примерок кој се продава е излезен од семејството на сметководителот кој работел во фирмата на Оскар Шиндлер.