Шест американски сенатори упатија писмо до државниот секретар Рекс Тилерсон во кое бараат од него да спроведе истрага за начинот на кој американската амбасада во Македонија и мисијата на УСАИД ја злоупотребувала финансиската помош што ја дели и се мешала во внатрешните политички прашања на Мaкедонија.

Во своето писмо, сенаторите Мајк Ли, Тед Круз, Џејмс Инхоф, Том Tилис, Дејвид Пердју и Бил Кесиди оценуваат дека американската амбасада во Македонија се ангажирала во поддршка на партијата СДСМ и преку УСАИД им доделувала финансиски средства на левичарски невладини организации поврзани со мрежата на милијардерот Џорџ Сорос.

- Македонија е влезена во процес на градење коалициска влада по изборите во декември 2016 година. За жал, добивме информации дека во изминатите неколку години американската амбасада активно се мешала во внатрешните политички прашања на Македонија, како и обликување на медиумската сцена и невладиниот сектор, честопати притоа поддржувајќи левичарски организации. Сметаме дека овие извештаи, доколку се потврдат, се крајно проблематични. Неколку писма беа упатени до американскиот амбасадор во Македонија со прашања за неговата улога во распределбата на американската помош кон Македонија и во тековната, честопати хаотична политичка ситуација. Нашата загриженост за состојбата не беше надмината откако ги добивме одговорите на овие прашања. Затоа, со почит ве повикуваме да ги искористите вашите овластувања и да го испитате доделувањето на сите средства поврзани со промовирање на демократијата, да ги преиспитате овие програми и наводите за вмешаноста на американските институции во програмите. Мораме да го искористиме овој критичен момент, на почетокот на новата администрација, да испитаме како се користеле парите на нашите даночни обврзници и да се запрат активностите кои имале за цел да се поттикнуваат политички немири, да се нарушува националниот суверенитет и да се поткопуваат нашите воспоставени меѓународни односи, пишува во писмото на шестмината републикански сенатори упатено до државниот секретар Тилерсон.

Објавувањето на писмото до секретарот Тилерсон предивика значително внимание во американските медиуми. Телевизискиот и радио водител Шон Хенити, кој важи за исклучително близок до претседателот Доналд Трамп, објави вест за писмото на сенаторите, велејќи дека во време кога опозициската Демократска Партија ја обвинува Русија за мешање во американските избори, излегуваат докази дека демократската администрација на претседателот Обама се мешала во политичките прашања на држави ширум светот, како што е Македонија. - Сенаторите велат дека разговарале со голем број странски државници кои им потврдиле дека администрацијата на Барак Обама активно се мешала во избори во Европа, Јужна Америка и Африка, вели Хенити.

Особен фокус во писмото се става на десетиците милиони долари што американската амбасада во Скопје и мисијата на УСАИД ги ставиле на располагање на групата невладини организации на Џорџ Сорос, кој е познат по финансирањето левичарски организации во САД и во Европа, и е водечки голем донатор на кампањите на политичари од Демократската Партија.

"Средства од програмата на УСАИД биле доделувани и имплементирани преку организации како што е Фондацијата Отворено Општство на Џорџ Сорос. Преку многубројни грантови на УСАИД доделени на Фондацијата Отворено Општество во оваа мала држава од само 2,1 милиони жители, парите на нашите даночни обврзници биле користени да се промовира левичарска агенда и да се засили политичката левица. Нашите пари за странска помош може да се користат за политички цели само доколку тоа е во безбедносен или економски интерес на нашата земја, а и во тие случаи, мораме да постапуваме внимателно и со должна почит. Мораме да бидеме особено внимателни да не промовираме политики кои се контроверзни дури и во нашата земја и кои може потенцијално да ги нарушат нашите односи со граѓаните или со државата во која ги донираме парите, пишува во писмото на сенаторите Ли, Круз, Инхоф, Тилис, Пердју и Кесиди.

Писмото доаѓа откако група од седум други членови на конгресот, предводени од ко-претседавачот на Хелсиншкиот Комитет Кристофер Смит, побараа отчет од амбасадата во Скопје за мешање во политичките преговори меѓу македонските партии, за помагање на левицата и за финансирање на левичарски невладини организации. Конгресмените најавија покренување на неколку истраги за злоупотреба на овие средства. Конзервативната организација Џудишал Воч исто така покрена истрага, барајќи од Стејт Департментот и од УСАИД да ги достават сите документи, вклучително и преписките, кои би можеле да утврдат како се носени одлуките да им се даваат пари на организации поврзани со Џорџ Сорос.

Во писмото на сенаторите објавено вчера се вели дека, освен во Македонија, слични информации за злоупотреба на дипломатскиот апарат од страна на администрацијата на Барак Обама дошле и од соседна Албанија. Во Албанија, според сенаторите, американсктие дипломати му давале пари на албанскиот разгранок на фондацијата на Џорџ Сорос со цел да се подготват реформи во судството. - Некои политичари сметаат дека целта на овие 'реформи' е премиерот Рама и левичарската влада во целост да ја преземат контролата врз судството во Албанија, пишува во писмото.

Американскиот претседател Доналд Трамп веќе најави дека во предлог буџетот, кој треба наскоро да биде поднесен, ќе побара драматично кратење на средствата за Стејт Департментот и за програмите за надворешна помош кои се водат преку организацијата УСАИД. Се очекува десетици милијарди долари од овие програми да бидат прекинати и пренасочени кон засилување на армијата на САД. / МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2017 14:25