Заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Коливо“ кој изминатата недела се снимаше во делчевското село Град, по сценарио и режија на Андреј Илиевски-Волкашин по потекло од Делчево.
Филмот се работи во копродукција помеѓу Веда филм продакшанс од Македонија и Концепт студио од Бугарија, и е поддржан од Агенцијата на филм на Република Македонија, Националниот бугарски филмски центар и од Општина Делчево, како и од фирми од Делчево, Виница и Скопје.
Режисерот Илиевски-Волкашин истакна дека филмот го отсликува секојдневието на Дана, чиј живот се разоткрива одеднаш, кога на традиционалното коливо ќе се појави нејзиниот поранешен љубовник Марко.
- Идејата за филмот ја добив од еден мој личен настан што го доживеав минатата година пред да заминам во Шпанија. Тогаш баба ми, која живее во оваа куќа каде што снимаме, рече дека мора детето да го испратиме со коливо, да заколиме свинче, таков е адетот и тогаш се собираат сите. Тој настан е еден вид празник, па овој настан го искористив за заднина во филмот, каде се обработува тема од секојдневието, од нашиот менталитет. Јас сум одовде и кога добив финансирање за проектот, најлогично решение беше филмот да го снимаме тука, рече Илиевски-Волкашин.
Улогите во филмот, рече тој, ги толкуваат познати македонски актери. Главната женска улога ја игра Лабина Митевска.
- Отсекогаш имав замисла дека кога ќе снимам филм во Македонија, ќе ја поканам неа да работиме заедно, бидејќи и се восхитувам и ја обожавам како актерка, а сега и како личност. Потоа, постепено во екипата се вкличија Јоана Поповска, Дејан Лилиќ, Симеон Дамевски, како и четири деца од Делчево. Јас првпат снимам во Македонија и сум пресреќен што сѐ помина во одлична атмосфера, рече режисерот.
Соопшти дека премиерата на овој краткометражен игран филм ќе биде на некој реномиран фестивал во Европа, по што ќе следува премиера во Македонија.