Лино Червар и официјално е селектор на Хрватска кој ќе ја предводи во наредната една година.
Според кажанато, Федерацијата на Хрватска склучува едногодишен договор со хрватскиот стратег бидејќи во јануари следната година се игра Европското првенство во ракомет на кое федерацијата очекува висок пласман на Хрватската репрезентација.
- Дојдов дома. Животот на тренерот со куферот в рака е едно патување. За некого тоа патување е долго, а за некого за жал кратко. Моето патување е навистина долго, трае 40 години, а од нив 20 беа во странство. Доаѓа моментот кога човек има потреба од својата куќа и од семејството. Разделбите се секогаш тешки, но кога ќе дојдеш дома, сепак, е полесно бидејќи е опкружен со оние кои те сакаат – изјави новиот хрватски селектор.
Со Хрватска, Лино Червар освои шест медали на големите натпреварувања меѓу кои и злато на олимписките игри во Атина во 2004 година. Во 2010-тата година, доби отказ од позицијата селектор поради освоениот сребрен медал на Европското првенство во Австрија.
Иако, кога го склучи договорот да биде предводник на Македонската ракометна репрезентација, Лино го најави проектот “Македонија 2020“ односно целта му беше пласман на Македонија на Олимписките игри во 2020 година, сепак за кратко се откажа од реализацијата на тој проект.
- Сакам да и се заблагодарам на Македонија. Таму бев седум години, ме почитуваа, ме дочекаа со раширени раце – изјави Червар на пресот зборувајќи за Македонија.