Државниот завод за статистика (ДЗС) работи според меѓународно утврдени и прецизирани методологии и процедури за производство на статистичките податоци и не постои основа за каков било сомнеж во квалитетот на податоците што ги објавува.

Ова го наведува ДЗС во реакција на соопштението на СДСМ кој најавува ревизија на објавените податоци на Министерството за финансии и Државниот завод за статистика.

– Државниот завод за статистика забележува дека дел од податоците наведени во соопштението на една политичка партија се неточно пресметани, а како стручна и професионална институција надлежна за официјалните статистики во државата, Заводот нема да навлегува во политички конфронтации и апелира статистичките податоци да не се користат за дневно-политички цели, се вели во соопштението.

Според ДЗС, еден од најважните показатели за нивото на економски развој е податокот за бруто-домашниот производ кој се пресметува според европската методологија ЕСС 2010, која е донесена од страна на Европското статистичко биро – Евростат. Податоците на Државниот завод за статистика, како што се наведува, се објавуваат и од страна на Евростат, каде што се валидираат пред нивното објавување, а Евростат има воспоставено и систем на годишна оцена на квалитетот на податоците.

ДЗС потсетува дека во февруари 2017 година во нивната институција се одржало партнерско оценување на националниот статистички систем од страна на експерти-оценувачи ангажирани од страна на Евростат.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2017 16:03