Иако без четири ракометарки во составот и со еден пивотмен, кој има само неколку заеднички тренинзи со екипата Вардар успеа да го победи тимот на Будуќност во четвртиот меч од регионалната ВРХЛ лига.
На турнирот во Копривница нашите девојки остварија две победи, а триумфот против Будуќност од 28-27 дојде во последните секунди.
Андреа Пенезиќ го постигна победоносниот гол за „црвено-црните" со што нашиот тим ја продолжи серијата триумфи во ВРХЛ лигата.
Одигравме две различни полувремиња, во кои сепак на крајот се радувавме. На пауза на полувреме заминавме со предност од 15-11, и во тој период добро функционираше нашата игра во одбрана.
Второто полувреме донесе променлива игра, не стигна малку и заморот бидејќи имавме само девет ракометарки во поле плус три голмана. Ја имавме расположената Андреа Пенезиќ која постигна 11 гола на натпреварот, вклучувајќи го и оној во последните секунди од средбата.
„Ја подобривме агресивноста на играта во одбрана 6-0 во прво полувреме, и девојките одиграа добар меч. Се виде дека ни недостигаше сила, бидејќи целиот товар падна на плеќите на 7-8 девојки. Но, тоа ќе го надокнадиме во следните мечеви. Добро функциониравме во првото полувреме. Ќе се обидеме да ги поправиме сите пропусти во играта за следниот турнир, вели Ацо Станковски, помошник тренерот на екипата на Вардар.
Следниот турнир во ВРХЛ лигата се одржува на 1 и 2 април во Љубљана. Таму ќе играме со Крим и со Подравка.
Будуќност - Вардар 27-28 (11-15)
Будуќност: Зечевиќ, Ујкиќ, Неагу 10, Јауковиќ 4, Плетикосиќ, Аговиќ, Свијиќ 3, Ирман 4, Премовиќ, Булатовиќ 3, Батиновиќ, Павичевиќ, Рамусовиќ, Ачхрук 1, Лазовиќ, Грбиќ.
ВАРДАР: Радичевиќ 2, Кликовац, Херем 3, Мaвсар 3, Дамњановиќ 2, Лејно 1, Лазовиќ 5, Илина, Пенезиќ 11, Суслина, Хмирова, Петровиќ 1, Песоа, Ристовска.