Во Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија вечерва познатите музички уметници, Јета Старова-Мехмети и Ермал Мехмети, попознати како Дуо Скупи, одржаа концерт со наслов “Македонски звуци”.
Во пригодни аранжани за флејта и виолина, пред бројната публика во Софија, тие ги исполнија познатите македонски народни песни и ора, “Со маки сум се родила”, “Пајдушко оро”, “Се посврши Сербез Донка”, “Не си го продавај Кољо чифликот”, “Калајџиското оро”, “Дафино вино црвено”, “Јано мори” и “Море Дончо мераклија”.
Овој музички материјал е своевидна промоција на нивниот компакт диск “Мак Соундс”, кој побуди исклучителен интерес кај публиката во Софија.
Ова е трет солистички настап на Дуо Скупи во Република Бугарија, претходните години тие имаат настапувано со целовечерни концерти во Перник, Ќустендил и Софија.
Дуо Скупи пред публиката во КИЦ на Република Македонија во Софија ги претстави директорот на Центарот, Васко Шутаров а овој музички концерт е дел од годишната “Програма 2017” финансиски помогнат од Министерството за култура.