Ракометарите на Вардар го совладаа Веспрем со 26-21 (11-11) во Брест и ја освоија титулата шампион на регионалната СЕХА-лига.
Македонскиот тим го симна од тронот унгарскиот ривал по две години владеење и со третата титула стана најтрофејна екипа на натпреварувањето.
По изедначената борба сè до средината на второто полувреме, Вардар при резултат 17-17, направи серија 5-0 и дојде до предност од пет голови.
Тимот од Скопје го предводеа Тимур Дибиров и Жоан Канелјас со по пет гола, потоа следуваа Мијајло Марсениќ со четири (без промашување) и Вуко Борозан со три погодоци.
Во екипата на Веспрем се истакнаа Момир Илиќ, исто така, со пет гола и Мате Лекаи со четири, додека Драган Гајиќ даде само еден гол.
Овој натпревар донесе и дуел меѓу двајца феноменални голмани, Арпад Штербик забележа 12 одбрани за Вардар, додека Мирко Алиловиќ 13 пати ја сочува мрежата на Веспрем.
Третото место на Ф4 во Брест го освои домаќинот Мешков, со победата над Загреб со 23-19. Брест го предводеше Растко Стојковиќ со четири гола, додека Добривоје Марковиќ и Златко Хорват со по пет постигнати погодоци беа најефикасни во хрватскиот тим. Ова беше шеста сезона на СЕХА-лигата. Освен Вардар и Веспрем, титулата ја има освоено уште само Загреб.