Вардарки уште еднаш го повторија она што претходните три сезони го постигнуваа, се пласираа на Ф4 турнирот во лигата на шампионите откако победија и во реванш натпреварот со Митјиланд, овојпат со 26-24 (11-12).

Предноста од два гола од првиот натпревар, 28-26 за Вардар во Данска не беше гаранција за лесен меч, а гостинките во најголем дел од средбата беа во игра и секогаш „ни дишеа во врат“. Во првото полувреме Митјиланд дури имаше и водство од 12-11.

Вардар одамна не играл така неповрзано во редовите, со слаба реализација и многу технички грешки. Само во првото полувреме имавме 11 технички грешки, но и осум одбрани на Амандин Лејно. Не беше проблем да се стигне до ситуација за удар колку што бевме несмасни во одредени моменти, па правевме и грешки. Среќа што и гостинките не беа доволно сконцентрирани, па и тие возвраќаа со грешки.

На почетокот на второто полувреме Митјиланд поведе со 15-12 иако имаше и играч помалку на теренот. Во тие моменти нашата клупа во игра ги внесе Тамара Мавсар и Сара Ристовска. Токму тие беа џокерите на Вардар, па брзо израмнивме, а потоа преку Лекиќ и Пенезиќ имавме и водство. Потоа на сцена стапи Андреа Човиќ која на линијата од шест метри секогаш беше онаму каде што треба, добро ја проигруваа а таа сето тоа го крунисуваше со голови, па постигна пет од шесте гола на Вардар, за водство на „црвено-црните" од 25-21 во 55 минута.

Ждрепката за полуфиналните двојки на Ф4 турнирот ќе биде во вторник во Будимпешта.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2017 07:18