Итно мора да се деблокираат демократските процеси и Република Македонија да добие нова Влада, што ќе ги заштити граѓаните, државата, но и загрозеното традиционално културно наследство, од криминалната власт во заминување.

По примерот на развиените европски земји, новата реформска Влада ќе подготви нов Закон за заштита на културното наследство. Во него ќе биде содржана листа на споменици од национално значење, што ќе биде документ од јавен карактер, достапен на граѓаните.

Никогаш повеќе да не се случи катастрофата што сега му се случува, на пример, на Охрид, со загрозениот статус во УНЕСКО, поради необмислените зафати на археолошкиот локалитет Плаошник, апсурдното уништување на брегот на Охридското езеро, штетните последици врз националниот парк Галичица.

Меѓународниот Ден за културни споменици и локалитети – 18. април, што оваа година се фокусира на културно наследство и одржлив туризам, никогаш повеќе Република Македонија да не го дочекува со запоставени и уништени, вредни и важни историски локалитети и бесценети природни и културни богатства.

Причина за ваквата состојба се тендер политиките на криминалната власт којашто мисли единствено на полнење на приватни џебови и сметки.

Но тоа време завршува.

Многу брзо, новата реформска влада предводена од СДСМ ќе ги стопира сите непромислени и криминални проекти вклучувајки ги и овие во културата.

Ќе извршиме ревизија на сите сомнителни активности на скопско Кале, градбите на Плаошник во Охрид, ски-центарот на Галичица, плажата во Лагадин и низа други, што претставуваат директна закана врз културното и природното наследство.

Заедно со граѓаните и експертската јавност ќе донесеме транспарентни системски измени и решенија за управувањето со Охрид, како светско културно наследство.

Новата Влада ќе изработи стратегија за санирање на состојбите во коишто се наоѓа културното наследство.

Ќе воведеме систем на задолжително финансирање на спомениците од листата на споменици од национално значење, по принципот на категорија на вредност и степен на загрозеност, без фаворизирање на одредени видови културно наследство.

Дополнително, ќе има законски механизми за вреднување на современата уметност и архитектура. Ќе ги заштитиме значајните објекти од рефасадирање.

Ова се само дел од мерките за заштита на вистинското историско, културно и природно богатство во Македонија.

За да може да ги заштитиме националните наследства мора веднаш да се реализираат промените што ги избраа мнозинството граѓани и претседателот Заев што побрзо да ја формира новата реформска Влада на граѓаните на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2017 06:51