Неколку илјади лица синоќа се собраа на улиците на Истанбул и неколку други турски градови за да го изразат своето незадоволство од резултатите од референдумот за уставни измени во Турција, но кој со тесно мнозинство беше одобрена промената на парламентарниот систем во земјата со претседателски.
Како што јави ДПА, околу 2.000 демонстранти се собраа во квартот Бешикташ во центарот на Истанбул, кои скандираа „Крадец! Убиец! Ердоган!“. Дел од учесниците на протестот тропаа во тенџериња, изразувајќи го на тој начин своето незадовоство од резултатите од референдумот.
Друг протест се одржа и во квартот Кадиќој во азискиот дел на Истанбул, каде неколку илјади демонстранти носеа постери на кои пишуваше: „НЕ-то не заврши, тоа допрва почнува“.
Организаторите на протестите изјавија дека тие се незадоволни од „измамите, неправедата и кражбата на гласовите“ на референдумот.
Слични протести се одржи и во други делови на Истанбул, како и во Анкара и Измир.
Нема информации за судири меѓу учесниците на протестите и полицијата или за некои други инциденти при собирите.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа во обраќањето пред неговите прврзаници пред Претседателската палата во Анкара се подбиваше со демонстрантите кои протестираа против резултатите од референдумот.
– Колку што гледам, оние пак излегле со тенџериња и тигани, изјави Ердоган. / МИА