Во текот на минатата година Европа, Блискиот Исток и Африка се соочија со едни од најголемите шумски пожари регистрирани од 2000 година, при што беа опожарени над 500 000 хектари земјиште, се наведува во извештајот на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
- Во последниве години катастрофалните шумски пожари станаа вообичаени во Европската Унија и соседните земји, а исклучок од тоа не беше ни 2023 година. Пожарот во близина на градот Александруполис во грчкиот регион Источна Македонија-Тракија, беше најголемиот поединечен шумски пожар регистриран во ЕУ откако Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС) почна да ги следи состојбите во 2000 година, се наведува во Извештајот.
Центарот посочува дека шумските пожари без преседан што ја зафатија Европа во последните четири години ги покажуваат непобитните ефекти на климатските промени, поради кои огнените стихии стануваат се почести и поинтензивни.
Климатските промени, како што се наведува во документот, не само што придонесуваат за зголемен опсег на областите погодени од шумски пожари, па тие сега се појавуваат и во реони во кои вообичаено ги немало во таков обем, туку прават и огнените стихии да бидат поинтензивни и сезоната на пожари да се прошири и надвор од традиционалниот летен период.
- Зголемената зачестеност и интензитет на шумските пожари во продолжените сезони на пожари, претставуваат нов предизвик за противпожарните служби низ Европа и на глобално ниво, бидејќи гаснењето на огнот од воздух станува посложено, а копнените операции стануваат потешки, па понекогаш дури и невозможни, посочува Центарот.
Преку Механизмот за цивилна заштита, ЕУ мобилизираше поддршка за земјите од Медитеранот и Западен Балкан кои се погодени од шумски пожари.
Според прелиминарните проценки, опожарените површини во Европа до средината на септември годинава се под просекот од последните две децении, првенствено како резултат на обилните врнежи што зафатија големи делови на континентот во текот на пролетните и летните месеци.
- Во септември, во Португалија избувнаа повеќе шумски пожари истовремено. Ова придонесе штетата од шумските пожари во 2024 година да биде над просекот на ЕУ во последните децении. Сепак, генерално, 2024 година може да се смета за помалку тешка сезона на шумски пожари, бидејќи во неа се бележи намалување на штетите од разорните пожари по три последователни години на раст, се вели во документот.
Во извештајот натаму се оценува изминатите години дека Европската комисија и земјите членки на ЕУ ги подобриле своите капацитети за превенција и подготвеност за гаснење на пожарите, што резултира за помали штети низ блокот во текот на оваа година.
Центарот наведува дека за справување со шумските пожари во Европа, но и на глобално ниво, неопходно е да се минимизира палењето оган во близина на шумите, да се мониторираат состојбите во критичните региони за појава на пожари и да се спречи складирањето на високоризични видови горива во шумските реони.
Според извештајот, речиси 96 отсто од пожарите во ЕУ се предизвикани од човечки фактот, па затоа едукативните кампањи и подигањето на свеста кај населението се од суштинска важност за намалување на шумските пожари.
- Како што се заострува климатската криза, од клучно значење е населението на Европа да се подготви за почести и поинтензивни шумски пожари. Мерките за превенција мора да ги опфатат сите делови од населението, вклучително и руралните заедници кои се во директен контакт со природата, како и особено ранливото население кое живее на рабовите на дивината и градовите, се додава во Извештајот.
Според еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова, зголемената закана од шумски пожари, предизвикани од климатските промени, бара „заеднички одговор базиран на докази“.
- Заедничкиот истражувачки центар на Комисијата игра клучна улога во овој напор со унапредување на системите за рано предупредување и обезбедување критични податоци за информирање на политиката и заштита на ранливите региони, оцени Иванова.
Имајќи предвид дека речиси сите шумски пожари се предизвикани од човечкиот фактор, според еврокомесарката. превенцијата и едукацијата се клучни за нивно намалување.
- Со поттикнување на поголема соработка низ ЕУ и со користење на научните сознанија, можеме подобро да ги заштитиме нашите шуми, биодиверзитетот и нашите заедници од зголемените ризици од шумските пожари, заклучи Иванова.
Еврокомесарот за климатска акција, Вопке Хукстра оцени дека шумските пожари што ја зафатија Европа во 2023 година, покажале дека ЕУ не е доволно подготвена да се соочи со ваквите ризици.
- Климатските промени ја зголемуваат зачестеноста и сериозноста на шумските пожари. Мора да инвестираме повеќе за подобро да се подготвиме и да ги спречиме овие шумски пожари, рече Хукстра.
Тој посочи дека врз основа на наодите во неодамна објавената студија под наслов „Европска проценка на климатскиот ризик“, ЕУ во моментов работи на подготовка на нов амбициозен план за климатска адаптација.
- Исто така, ќе ја процениме потребата од ново законодавство за климатска отпорност и подготвеност. Соочени со забрзаното глобално затоплување и зголемените ризици од шумски пожари, мора да се погрижиме сите да имаме просперитетна, безбедна и сигурна иднина, додаде Хукстра.
Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, пак, посочи дека ЕУ е подготвена да помогне во случај на голем шумски пожар во Европа и ширум светот, меѓу другото, и со испраќање на воздухопловни и копнени противпожарни сили во рамките на Механизмот за цивилна заштита на Унијата.
- Новиот договор со Канада за производство на 12 амфибиски авиони за гаснење пожари што ќе го сочинуваат столбот на постојаната флота „РескЕУ“, означува уште еден важен чекор во подобрувањето на капацитетот и подготвеноста на ЕУ за борба против пожарите, паралелно со националните капацитети за одговор на земјите членки на ЕУ, истакна Ленарчич.
Сепак, според него, способноста за одговор на пожарите е само едната страна на медалот, додека другата е потребата да се работи на зајакната подготвеноста и адаптација.
- Затоа ЕУ, исто така, ги поддржува земјите членки со проекти за превенција од шумски пожари, упатства за добри практики и пренесување на искуства, додаде Ленарчич.
Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС) е мрежа преку која 43 земји разменуваат информации за шумските пожари и ги проценуваат нивните ефекти во Европа, а овозможува и размена на искуства за добрите практики во превенцијата од пожари, нивното гаснење, реставрацијата на опожарените подрачја и за други активности поврзани со справувањето со огнените стихии.
Од 2015 година, ЕФФИС ги користи и услугите на Програмата на ЕУ за сателитски мониторинг на Земјата „Коперник“, преку која обезбедува информации и податоци за состојбите на Планетата и нејзини одделни области со помош на снимки од сателити.