Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“, во режија на Александар Морфов, денеска ќе гостува на престижниот Меѓународен театарски фестивал „Митем“ во Будимпешта.

МНТ соопшти дека со ова гостување почнува меѓународното претставување на „Животот е прекрасен“.

– За МНТ ова ќе биде голем предизвик и искуство да застане рамо до рамо со врвни театарски куќи и светски познати режисерски имиња. На фестивалската програма на четвртото издание на Фестивалот ќе се прикажат театарски куќи од 11 земји со претстави потпишани од страна на врвни режисерски имиња: Еуџенио Барба, Валериј Фокин, Атила Видњански, Давид Дојашвили,Томас Ричардс, Виктор Рижаков, Александар Морфов, Ана Петерсон, Раду Африм, Алвис Херманис, Искандер Сакаев, Римас Туминас, Силвиу Пуркарете, Еимунтас Некрошиус и други, посочуваат од МНТ.

Целта на фестивалот е да се презентира извонредна разновидност на уметноста на театарот од целиот свет. МНТ годинава ќе биде дел од официјалната програма на МЕСС, а потоа следуваат гостувања во Грац, Виена, Загреб, Белград, Подгорица, Хамбург, Берлин, Торонто.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2017 11:46