ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама и го осудува неговото континуирано мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
Целосна невистина е дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифатило Тиранската Платформа. Вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ ниту некогаш преговараше, ниту се согласи со Тиранската Платформа.
Очигледно е дека Еди Рама со пласирање на ваквите лаги сака да ја релативизира опасноста од Тиранската Платформа и сака да отвори простор неговиот истомисленик Зоран Заев да ја реализира што поскоро.
Албанскиот премиер Еди Рама освен што се меша во внатрешните работи на Република Македонија, со своите последни изјави за сојузи на балкански држави предизвикува и подгрева поширока дестабилизација на Балканот и ги повампирува идеите за големи држави, што е директно спротивно на европската перспектива на земјите од овој дел од Европа.
Еди Рама е човекот кој срамно и недолично во интервјуа ги навредува Македонците нарекувајќи ги славомакедонци. Еди Рама е човекот кој постојано ги подгрева страстите во земјава изјавувајќи дека имало 35% Албанци, а при тоа го негира мултиетничкиот карактер на државата.
Еди Рама е подготвен на се во пресрет на домашните избори што го очекуваат не водејќи сметка веќе ниту што зборува, ниту каква штета прави за регионот и добрососедството со својата националистичка и ксенофобична реторика.
Изјавите на Рама се спротивни на европските вредности и принципите на неменување на границите и градење партнерски односи помеѓу балканските земји.