Првиот тенисер на светот Енди Мареј натпреварувањето на Мастерс во Монте Карло го заврши уште во третото коло, со поразот од Алберт Рамос Вињолас.

Рамос Вињолас го совлада Мареј по пресвртот со резултат 2:6, 6:2, 7:5, иако Британецот во одлучувачкиот сет имаше водство од 4:0 и предност од два брејка!

По убедливо освоениот прв сет, се очекуваше дека натпреварот ќе биде брзо завршен, но се случи пресврт на Централниот терен на турнирот во Кнежевството.

Шпанецот возврати со иста мерка, изедначи во сетовите, но потоа Енди поведе со 4:0 правејќи два брејка во одлучувачкиот дел на играта и беше на чекор до победа. Тогаш се случи несфатлив пад – Алберт врза четири гема, имаше 0:40 за целосен пресврт кога Мареј се врати.

Ја прекина серијата на ривалот, но попушти во финишот и 29-годишното момче од Барселона до најголемиот триумф во кариерата стигна за повеќе од два и пол часа.

Така заврши враќањето на Британецот по повредата на лакотот, поради која паузираше повеќе од еден месец, па ќе изгуби 355 бодови бидејќи минатата сезона испадна во полуфиналето.

Шпанскиот тенисер во четврт-финалето ќе се сретне со Марин Чилиќ од Хрватска, кој претходно во текот на денот во два сета, 6:2 и 7:6 (0), го победи Томаш Бердих.

Мастерс во Монте Карло се игра за награден фонд од 4.273.775 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2017 00:15