Демократскиот сојуз повикува на разумно и одговорно однесување и деблокада на државата.
Граѓаните на Македонија не можат и натаму да седат со скрстени раце и да гледаат како државата се раслојува и распаѓа, а паралелно се вршат "подготовки" од самопрогласените патриоти за чистка од "предавниците".
Сценаријата кои се кројат во главите на болни умови, треба јавно да се објават и жигосаат и сите заедно да спречиме братоубиствен расплет на нашата- македонска криза.
Секој граѓанин има одговорност и обврска да ги афирмира, почитува и брани цивилизациските вредности, да ги респектира различностите и да ја чува сопствената држава.
Повеќе од јасно е дека само 67-те пратеници не можат да обезбедат мирен, демократски и уставен трансфер на власта, ниту пак тоа можат да го овозможат партиите кои се за промени и формирање на нова- реформска Влада.
Потребна е граѓанска гласност и силна поддршка и затоа секој од нас треба да го каже својот став.
Молкот и тишината се победа на криминалните структури, победа на тие што плукаат, ѕвечкаат со оружје под појасите и јавно се закануваат. Санкциите кои ги најавува меѓународната заедница спрема опструкторите на демократските промени, но и против државата, во крајна линија како казна и на граѓаните, ќе ги продлабочат разликите, а излезот ќе биде посложен, потежок и неизвесен.
Затоа треба освестување и граѓанска реакција, кризата мораме ние да ја решиме и тоа веднаш.
Има многу можности да се искаже демократската определба за промени. За почеток, треба секој да објави свој став на социјалните мрежи, коментар на порталите, да разговара со своите колеги, пријатели, соседи и сл. Можеме на мирен и демократски начин да го запреме лудилото и направиме крупен чекор кон мирна разврска.
Да го победиме стравот за да ја сочуваме демократијата и Република Македонија.