Ракометарките на Вардар триумфираа во финалето на ВРХЛ лигата откако во финалето го победија традиционално незгодниот ривал Будуќност. Во мечот за златниот медал вардарки триумфираа со 27-25 (15-14), што е добра увертира пред настапот на Ф4 турнирот во лигата на шампионите во Будимпешта.
И двете екипи ќе играат на тој завршен турнир во лигата на шампионите во Будимпешта и ќе се борат за европската титула. Во однос на полуфиналниот натпревар со Подравка, сега во составот на Вардар ја немаше голманката Мајса Песоа. Таа и Суслина бранеа на тој меч. Амандин Лејно беше во составот но не влезе во игра тогаш. Французинката сега го почна финалниот натпревар на голот на вардарки.
И уште од самиот почеток покажа дека е во одлична форма, за само неколку минути нанижа четири одбрани, од што три во еден исти напад. Вардар го презеде водствот, но и темпото на игра. Се форсираше брза игра, која резултираше и со лесни голови. Будуќност успеваше на почетокот да намали на еден гол, и последен пат намали на 6-5 во 12 минута.
Потоа следуваше една убава серија на вардарки за водство од 9-5 по што тренерот на Будуќност и немаше друга опција освен да побара една минута одмор, и да се обиде нешто да смени во играта. За момент тоа успеа, бидејќи разликата се спушти на само два гола (10-8), и пак дојде наша серија за водство од „плус 4" за 12-8 и 13-9. За разлика од досегашните меѓусебни средби овојпат опасните бекови Катерина Булатовиќ и Кристина Неагу немаа многу простор за играње и шутирање.
Игравме добро, но секако овие натпревари служат и за воигрување на тимот за она што следува. Се сменија некои играчи во напад и одбрана, бидејќи темпото што го наметнавме бараше и многу енергија. Тие промени во играта, и промената на темпото придонесоа да направиме три технички грешки за шест минути и токму во тој период Будуќност намали на само еден гол негатива, 15-14 со што се замина на одмор на полувреме.
Првото полувреме беше период на добра игра на Тамара Мавсар и Андреа Пенезиќ кои заедно постигнаа десет гола, а Амандин Лејно имаше шест успешни одбрани.
Со убава вртенка во стилот на Тимур Дибиров, нашето лево крило Камила Херем го отвори вториот дел, а со нејзе веднаш потоа се разигра и Александра Лакрабер која постигна три од следните четири голови на Вардар. „Црвено-црните" во 37 минута водеа со 20-17.
Но, Будуќност не се предаваше, туку постојано чекаше на наша грешка и од секој напад се обидуваа да извлечат максимум. Таквата игра и донесе и израмнување на резултатот, 21-21 во 45 минута преку Кристина Неагу, што беше првпта дотогаш на мечот Црногорките да израмнат.
Претходно Ирина Дибирова побара тајм аут, но тоа не вроди веднаш со плод, па и при 21-21 имавме шанса за водство што не го реализиравме.
На голот повторно се врати Амандин Лејно кој требаше да внесе дополнителна сигурност во одбраната. Она што ние не го искористувавме одеше на сметка на противникот кој преку неагу во 47 минута првопат поведе со 22-21. Барбара Лазовиќ и Александра Лакрабер повторно ни донесоа водство, 23-22, но Итана Грбиќ ја враќа неизвесноста со ново израмнување. Откако Сара Ристовска доби исклучување, веќе во следниот напад ги израмнивме силите, па иста казна доби и Драгана Цвијиќ.
Тој период го искористивме повторно да поведеме со два гола, 26-24 во 55 минута, пред гостинскиот тренер да побара тајм аут. Во последните минути од неизвесната средба се решаваше победникот.
Будуќност доби предност во бројот на играчи, откако Андреа Човиќ заработи исклучување, но ударот на Катерина Булатовиќ потоа заврши покрај голот.
Шансата за гол не ја искористи Лакрабер, а во следнио тнапад Грбиќ носи нова неизвесност со гол за намалување на нашето водство на 26-25. Сега одбраната на Будуќност беше посилниот дел, па не примора да дојдеме до пасивен напад каде завршивме со техничка грешка.
Но, возвративме со иста мерка, добра одбрана, па Будуќност беше под пасивна игра, и приморани да направат техничка грешка. Во последната минута влеговме со шанса за гол што ќе ни донесе победа. На 39 секунди до крај тренерот Ирина Дибирова побара тајм аут за последните совети.
Андреа Човиќ го постигна победничкиот гол откако претходно ударот на Пенезиќ го одбрани гостинската голманка. Тој „отпадок" го испрати Човиќ во мрежата на Будуќност за победа од 27-25.