Судот во францускиот град Колмар утрово го одби барањето на Србија за екстрадиција на Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднината на Косово и поранешен висок заповедник на ОВК.
Апелацискиот суд во Колмар ја донесе конечната одлука за отфрлање на барањето на српското јавно обвинителство, кое го товари за воени злосторства извршени во Косово на крајот на 1990-тите години.
По ваквата одлука, Харадинај може да ја напушти Франција како слободен човек, а Србија нема право да се жали. Тој беше уапсен на 4 јануари по потерница од Интерпол, а по една седмица беше пуштен да ја чека одлуката на слобода, но му беше забрането да ја напушти Франција.
Истрагата против Харадинај во Србија беше почната во 2004 година, а во јануари беше проширена со нови обвиненија и со нови докази, што беа доставени до судот во Колмар.
На Харадинај му се судеше во Хашкиот суд за воени злосторства во Косово, а во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.