Член 85 од Деловникот на Собранието на РМ во својот став 1 вели- претседателот на Собранието се грижи говорникот да не биде прекинуван или со друга постапка да не биде ограничуван во слободата на говорот, истакна пратеникот Илија Димовски на денешната конститутивна седница.

Господине Заев се обидовте со убави зборови да упатите многу закани од ова Собрание. Јас сакам искрено да ве замолам да не се обидувате да го одземете основното право на пратениците на говор. Знаете зошто? Заради тоа што одземање на правото на говор на пратеник, значи одземање на право на говор на народ кој гласал- прва работа. Втора работа, да ве замолам многу искрено и многу човечки да не се обидувате да направите државен удар. Ве замолувам искрено, да не мислите дека избор на претседател на Собрание, надвор од процедурите, надвор од оваа сала, надвор од оваа зграда, ќе е нешто што ќе направи добро за Македонија. Ве замолувам да разберете дека нити тој претседател ќе биде аирлија претседател, нити таа Влада ќе биде аирлија Влада, заради тоа што на таков начин ќе ја дотолчите и ќе ја дотерате до крај поделеноста која што и ден денеска, за жал, е на високо ниво во Македонија, подвлече Димовски.

Можам да разберам, рече Димовски обраќајќи му се на Заев, дека сте под притисок на многу луѓе кои што се надеваат на функции и на позиции, но вие ја носите одговорноста.

Затоа што ако пратениците не зборат, не дај боже, ќе дојде време народ да зборува, а тоа не е добро ни за вас, ни за нас, ни за некој друг. Тоа ќе направи најголема штета за Република Македонија, потенцираше Димовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2017 14:41