Зоран Заев е единствениот аболициран пратеник во македонското Собрание, но од денес па натаму тој е единствениот и прв пратеник кој што повикал јавно да се урне собранискиот и уставниот поредок и да се изврши државен удар со паралелно Собрание и паралелен избор на претседател на законодавниот дом.

Ние знаеме дека притисокот под кој се наоѓа Зоран Заев е огромен за да ги спроведе одредбите од Платрофмата од Тирана кои што значат редефинирање на идентитетот на државата. Затоа му се брза да го отпочне процесот час поскоро. Затоа аболицираниот Заев е спремен спротивно на Деловникот да ги замолчи пратениците во Собранието на Република Македонија се со цел оној кој молчеше во ова Собрание да го избере за негов претседател.

Господинот Заев е силно уценет од странски чинители и уште повеќе од нарко-мафијашки структури кои што му помагаа на изборите. Затоа денес аболицираниот Заев без трошка чувство за државност и разум повикува да се формираат параинституции, а со тоа го девалвира Собранието на Република Македонија, нејзиниот Устав, законите и демократијата.

Повикот за нелегитимен избор на претседател на Собранието на Република Македонија е повик за конфликт, повик за тензии и повик за државен удар. Таквиот повик за конфликт кој Зоран Заев и неговите послушници сакаат да го направат може да предизивика голема штета, долгорочни и ненадомесливи последици за стабилноста и демократијата во Република Македонија.

Од државниот удар кој што Зоран Заев очајнички се обидува да го изврши во изминативе три години најмногу ќе изгубат македонските граѓани, без разлика на која националност и припаѓаат. Начинот на делување на Заев е делување на политички очајник кој што во овој начин на неделовничка работа ја гледа својата последна политичка шанса.

Многу луѓе од СДСМ и сега и друг пат ќе имаат шанси и прилики. Заев игра на се или ништо, бидејќи знае дека ова е неговата последна шанса во политиката, понатаму ќе треба да се соочува со судските процеси.

Претседател на Собранието може да се избере само во Собранието. Во МАНУ се избира претседател на МАНУ, на Правниот факултет се избира декан на Правниот факултет. Народот избира Претседател на државата, пратениците на легитимна и деловничка седница избраат претседател на Собрание.

Според Устав, закон и Деловник секој друг обид за избор на претседател на Собранието ќе биде создавање на паралелни институции, на кои што ќе се радуваат негаторите на македонската државност денес и во изминатите две три децении.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со сите демократски средства да го брани демократскиот поредок и националните државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ ќе го брани и гласот на граѓаните, кога говорат пратениците на нашата коалиција говорат во името на народот. ВМРО-ДПМНЕ одлучно ќе ги брани институциите, угледот и суверетитетот на Република Македонија колку и тоа да не му се допаѓа на аболицираниот Заев или да му пречи во неговиот план за прифаќање на секакви уцени со цел самиот да избега од судска одговорност.

Зоран Заев и раководството на СДСМ се заложници на една поголема афера, за неа допрва времето ќе открива нови детали, но Македонија не смее да биде заложник на СДСМ. За жал господниот Заев ја држи Македонија сеуште во криза и нема доблест, ниту разум, да пристапи кон едно конвенционално решение од интерест за сите луѓе, а тоа е да организираме што поскоро парламентарни избори заедно со локалните.

Господинот Заев е толку уценет и уплашен за својата политичка кариера и судски процеси, што е спремен да прифати било каква платформа заверена кај премиер на туѓа држава, само за да се искупи од своите случаи што ги има пред судот. Затоа, господинот Заев бега од избори и затоа денес повика на такви дејствија.

Господинот Заев тврди дека доволно трпеле и дека нема место за понатамошно трпение. Македонија ја трпи кризата што ја создаде господинот Заев цели три години. И сеуште ја трпи. Но, ако стабилноста на државата е во прашање трпението секогаш се исплаќа. Никој не треба да избрзува сега и да направи неделовнички или незаконски чекор и со тоа да ја втурне државата во уште поголема плурализација, тензии, криза и штета за сите граѓани на Република Македонија.

Доколку господинот Заев собереше храброст да ја деблокира државата и политичката криза и да се соочи со народот предвремените парламентарни избори ќе се одржеа сега за десетина дена на 7-ми или на 14-ти мај заедно со редовниот термин за локални избори и кризата ќе беше зад нас.

Повторуваме уште еднаш, пратениците во Собранието се гласот на народот и во името на демократијата никој нема право да ги замолчи уште помалку во името на уцените кој што ги трпи еден политичар. Народот е тој кој што нема да му прогледа низ прсти на аболицираниот Заев ако се обиде да го погази Деловникот или Уставот на Република Македонија и да формира паралелни институции.

Насилниот и нелегитимен избор на претседател на Собранието ќе биде само вовед во формирање на паралелни државни институции, акт кој што нема да донесе ниту разрешница на политичката криза, ниту поголема стабилност, ниту напредок на државата.

Народот нема да седи мирно и да гледа како некој ја суспендира демократијата и институциите во државата.

Господинот Заев како човек што еднаш бил аболициран не треба да се надева на втора аболиција ако формира паралелни институции. Затоа, народот е на нозе, Македонија се буди.

Оваа криза е денес присутна и трае и еден ден ќе помине, но ќе се гордеат или ќе се срамат тие што ќе направат добри или погрешни чекори во името на народот и за стабилноста на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2017 15:13