Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до граѓаните вечерва упати апел за смирување на тензиите и на ненасилство и ги повика лидерите на парламентарните партии на лидерска средба утре во неговиот кабинет.

– Во овие моменти на општа загриженост околу настаните во Собранието на Република Македонија, ве повикувам да бидете смирени. Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и на манипулации. Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство. Повикувам на разумно и одговорно однесување – рече Иванов.

Тој ги повика на одговорно однесување сите надлежни институции, кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

– Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и со деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени. Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците што произлегуваат од нив – рече Иванов.

Тој истакна дека оваа состојба може да се надмине преку почитување на правниот поредок на државата и дека нема прашање за кое не може да се најде решение преку дијалог, со согласност со македонскиот Устав и законите.

– Затоа, ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастанатата состојба. На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и за наоѓање излез од новонастанатата состојба. Лидерите ја добиле довербата од граѓаните и се најодговорни за наоѓање решенија во согласност со Уставот, законите и со деловникот за работа на Собранието – рече Иванов, додавајќи дека „никој друг однадвор нема да ни ги реши проблемите ако самите ние не ги решиме, во согласност со државните интереси на Република Македонија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2017 02:47