Интегрален текст од прес конференција на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Денес се случи многу лош ден за Македонија, кој ќе имаат свои последици подолг период.

Настаните ме затекнаа на моето патување во Виена Австрија, каде имав повеќе средби и активности. Токму кога доцна попладнево ја одржував последната средба со Карл Фон Хазбург, претставник на моето обезбедување влезе и ме извести што се случило во македонскиот парламент, пошто веднаш ја прекинав средбата. Пристигнав околу полноќ и одржав итен состанок на ИК оваа вечер.

Излегувајќи од таа седница, дозволете да соопштам неколку работи.

Прво, сакам да го осудам насилството кои поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал.

Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на полицајците.

Никогаш во животот не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилства и со физички повреди на други лица, ниту пак подржувам други да го прават тоа, како такви кои ме подржуваат мене така и моите опоненти.

Повикувам исто така, да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и оние кои никого не повредија, со оние кои тоа го направија вечерва. Тие имаат право на протест, на изразување револт и на демократска борба за она во што веруваат, за доброто на Македонија.

Ги поздравувам напорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија што дадоа се што е во нивна моќ и несебично им помогнаа на физички нападнатите пратеници.

Ги поздравувам и напорите на полицијата која се вклучи во смирување на состојбата, како и на лекарските екипи и сите оние кои се обидоа да помогнат, како и на голем број странски политичари со кои вечерва разговарав телефонски и испратија пораки за смирување на состојбата и зачувување на стабилноста.

На повредените пратеници, граѓани и полицајци им посакувам брзо закрепнување.

Второ, го осудувам начинот на кој СДС и другите партии кои ги подржуваат одлучија денес да направат обид незаконски да изберат претседател на Парламентот, еклатантно кршејќи ги сите демократски и законски процедури, со што до крајна мера и свесно придонесоа за зголемување на тензиите и поларизацијата во нашето општество.

Бројните провокации во изминатите денови, не само кон нас од ВМРО-ДПМНЕ туку и кон огромното мнозинство македонски граѓани, а особено кон македонскиот народ, се директен причинител за оваа ескалација на состојбите оваа вечер.

Начинот на кој се обидоа да изберат претседател на Собранието е целосно незаконски, противуставен и надвор од правилата на деловникот за работа на Парламентот на Република Македонија.

Раководството на СДСМ, како и другите партии од нивната коалиција добро го знаат тоа, и тие свесно одлучија да го прекршат законот, уставот и деловникот, со што најдиректно ги предизвикаа настаните и сносат одговорност за тоа. Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ, со што само уште еднаш ја докажаа својата незрелост и антидржвничко однесување. Овој ден во Македонија не е ден за славење.

Нивниот однос и постапки ја ставија Македонија на голем срам и презир пред меѓународната јавност и директно го загрозија уставниот поредок на државата. Добивањето можност сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија да се изјаснат во рамките на со деловникот лимитираното време, ќе покажеше демократска зрелост на Македонија. Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури и со прифаќање на антидржавни платформи креирани во друга држава, подготвеноста да ги стават на коцка државните и националните интереси заради гола власт, и бегањето од ново соочување со народот на избори, е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација.

Во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, но ВМРО секогаш била и ќе остане на страната на народот, на страната на уставот и на страната на националните интереси на државата, затоа што постои токму заради народот, и заради Македонија.

Трето, повикувам да се прифати иницијативата на претседателот Иванов за средба на партиските водачи, со цел изнаоѓање институционално решение по мирен пат, без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани. Само преку дијалог може да се излезе од сегашната криза. Се друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати јавно говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДС и нивните партнери.

Истовремено, ги повикувам сите граѓани на Македонија, да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ. Правото да се протестира е загарантирано со устав, но очигледно некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка добивка. Народот има право да си ја чува и брани земјата. И тоа никој не може да му го оспори, но навлекувањето на насилни методи на физички пресметки оди на директна штета на Македонија и на сите нас во неа.

Оние кои го правеле сценариото за денес, очигледно посакувале да има насилство со цел истото да го стави во сенка незаконското, противуставно и против деловничко бирање на претседател на Парламентот, со класично ,,силување,, на парламентот и државата. Нивната цел е никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци, и притоа прстот да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое нема никаква поврзаност со овие настани.

Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ осудувајќи го насилството повикува да не се кријат зад тој чин на поединци, за она што подолго време го најавуваа од СДСМ, а денеска го сторија.

Повикувам до граѓаните, независно дали се Македонци, или Албанци или Турци, Роми, Срби, Бошњаци, власи, останати да останат присебни, да не наседнуваат на можни провокации на поединци или групи, а исто така на политичарите да не превземаат дејства кои би предизвикале меѓуетнички тензии.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2017 13:12