„Демократскиот сојуз најостро го осудува упадот и насилството во највисокиот законодавен дом- Собранието на Република Македонија.
Демократскиот сојуз инсистира на политичка и кривично правна одговорност за инспираторите, организаторите и директните учесници во овие крвави настани.
Насилниот упад е однапред подготвено сценарио и со директно учество на високи раководители од Министерството за внатрешни работи.
Демократскиот сојуз инсистира на кадровски промени во МВР и други надлежни институции кои тотално потфрлија и дозволија насилство над пратеници, новинари, вработени во Парламентот и припадници на полицијата.
Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани будно да ја следат состојбата но да останат смирени и присебни, да не подлегнуваат на провокации и да не се вклучуваат во протесни кои се со висок ризик и да направат се што е потребно за да се спречи можно натамошно нарушување на јавниот ред и поредок.
Во овие критични моменти за државата, мирот и стабилноста, очекуваме кај лидерите на партиите да преовлада чувството на одговорност и државност и активно да дејствуваат на смирување на состојбите.
Државните институции да профункционираат, да се ослободат од партиските стеги и да обезбедат услови за работа на Парламентот и мирен трансфер на Власта.
За решавањето на кризата Демократскиот сојуз дава приоритет на политичкиот дијалог и разумно однесување од сите кои се инволвирани во овие процеси.
Да направиме се за да ја спасиме Македонија“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.