Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на денешната прес-конференција го осуди синоќешните настани во Собранието на РМ и истакна дека дел од структурите на МВР не си ја завршиле работата за што ќе мора да сносат одговорност.

Посебно посочи на директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој раководел со Оперативниот штаб на МВР.

- Оперативниот штаб имаше подготвено планови за три претпоставени ситуации: кога ќе бидат протестите мирни, кога ќе се избира претседател на Собранието и кога ќе се избира Влада. За раководител на Оперативниот штаб беше избран директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Вчера од моментот на ескалација на ситуацијата се до 20 часот раководителот на Штабот Митко Чавков не беше достапен за мене иако го барав и телефонски и лично во Оперативниот штаб, рече министерот Нухиу.

Тој потенцира, дека, за жал, во структурите на МВР политичкото влијание има голема улога, што е, вели, за секаква осуда.

- Дел од вработените во МВР наместо да ги почитуваат законите и да ги извршуваат своите работни обврски, постапуваат по наредби на политички центри, нешто што е за најсилна осуда и мора да биде санкционирано. Внатрешната контрола при МВР е вклучена и ќе бараме одговорност од сите што не постапија согласно законските овластувања, вклучувајќи ги и членовите и раководството на Оперативниот штаб. МВР е институција која мора да го гарантира јавниот ред и мир, а не да биде институција под влијание на политички субјекти кои сакаат да ја злоупотребат за свои цели, нагласи Нухиу.

Тој, сепак, потенцира дека најголем дел од вработените во МВР се професионалци, со чија помош била ставена ситуацијата под контрола. Информира дека синоќа стапиле во контакт и со Јавното обвинителство со цел обезбедување на сите потребни материјали за расчистување на настаните и аплираше Обвинителството активно да се вклучи во активностите со цел во најбрз можен рок да бидат расчистени настаните.

Изрази, како што рече и згрозеност од постапката на дел од лицата кои протестирале кои подолг период не им дозволувале на возилата на Итната помош да влезат во Собранието и да им укажат помош на повредените. - Тоа е пред се нечовечки и е за секаква осуда, нагласи Нухиу.

Министерот за внатрешни работи рече дека од морални причини ќе се повлече од функцијата и дообјасни дека тоа ќе го побара од лидерот на неговата партија, како и дека ќе создаде услови за мирен трансфер на власта.

- Чувствувам морална обврска затоа што за овој четиримесечен период колку што сум на чело на Министерството не успеав да го тргнам влијанието на политиката во раководните структури на МВР и затоа ќе барам мое повлекување. Но, ве уверувам дека ќе направам се за создавање на услови за трансфер на власта и ќе барам законска и кривична одговорност и за раководните структури на МВР за вчерашните настани, изјави Нухиу. Тој на прес-конференцијата во МВР го честиташе, како што наведе, изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2017 14:41