За насилниот напад во Собранието, при што повредени беа неколку пратеници, МВР поднело до Основото јавно обвинителство 15 кривични пријави кои се однесуваат на неколку членови од кривичното дело учество во толпа. Како што информира МВР, петмина од идентификуваните веќе се приведени.
Против лицата Б.М. (38), Н.М. (34), К.Џ. (54), Д.Д. (45), В.Н. (45), С.П. (57), А.З. (63) од Скопје и Д.Х. (43) од Прилеп е поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство. Против Д.В. (36), А.С. (39), М.Ц. (39) и М.С. (47) поднесени се пријави за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, а против Д.А. (62) од Скопје и И.Ј. (46) од Куманово пријавите се однесуваат на двете кривични дела.
„Врз основа на прегледани видеоматеријали и преземени оперативни мерки, извршена е идентификација на горенаведените лица и петмина од нив веќе се приведени. Покрај ова, МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното понатамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата“, информираат од МВР.
Според соопштението од Министерството, откако пријавените го пробиле полицискиот кордон, кој бил поставен пред Собранието, влегле внатре, каде го оштетиле ходникот, а потоа физички нападнале тројца полициски службеници на внатрешното обезбедување. Тие влегле во прес-центарот и физички ги нападнале присутните пратеници од СДСМ, ДУИ и од Алијанса за Албанците.
„Пријавените со употреба на физичка сила и закани, сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот, со што ги извршиле наведените кривични дела“, велат од МВР.
Од МВР додаваат дека СВР Скопје во консултација и во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности за идентификување и за документирање и на други лица учесници во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.