Поддршката на САД и на ЕУ за новиот собраниски спикер, Талат Џафери, кој беше избран на легитимен начин, значи дека Трајко Вељаноски повеќе не е претседавач на Собранието, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за медиумите по средбата со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, која денеска попладне се одржа во резиденцијата на заменик-амбасадорот.

– По сè ова што се случи во парламентот, крајно време е сите да се свестат дека земјата оди во негативен правец и да се прифати новата реалност, односно новиот претседател на Собранието – рече Ахмети, додавајќи дека изборот на Талат Џафери е направен на легитимен начин.

Ахмети нагласи дека ДУИ е решена да продолжи со процесот на конституирање на новата влада.

За повлекувањето од функцијата кое го најави министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, поради моралната одговорност што ја чувствува по насилните протести во Собранието, Ахмети изјави дека министерот има целосна поддршка од ДУИ, но и од другите партии и нема логика да се повлече сега, во време кога не постои орган што би ја прифатил неговата оставка.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2017 10:18