Во четвртиот обид да стигне меѓу четирите најдобри екипи во лигата на шампионите на Вардар му успеа да стане првата машка екипа од Македонија што стигнува на Ф4 турнирот.

Триумфот од 35-27 (15-10) во реванш натпреварот со Флензбург беше само шлаг на тортата, на она што три години се работеше и се формираше мозаикот за конечно да се исполни целта.

Тренерот Раул Гонзалез на прес конференцијата со еден збор најдобро ја отслика атмосфера, сликата, и конечно олеснувањето на душата што го почувствуваа сите во тимот.

Раул Гонзалез - тренер на Вардар

„Минавме трнлив пат за да играме на овој Ф4. Игравме против екипи како Веспрем, Киелце, Рајн Некар, Флензбург, кои се едни од најдобрите во Европа. Добро се подготвивме за дуелот со Флензбург, многу сум горд и среќен што моите играчи го остварија овој успех. Дадовме сѐ од себе, би сакал да им се заблагодарам на сите што беа со Вардар и што нѐ поддржуваа. Голема пофалба за играчите, публиката, како и за нашите поранешни играчи Тоскиќ, Прибак, Чипурин; Козлина... кои исто така се заслужни за овој успех. Одигравме одличен меч, победивме. Забележавме голем успех, сега да уживаме во него.“

Стојанче Стоилов - играч на Вардар

„Мислам дека бевме посилен противник во двата меча. Покажавме дека сме зрела екипа и конечно се пласиравме на Ф4. Работевме напорно цела сезона. Сакам да пофалам еден играч што ретко добива благодарност и ретко добива пофалби. Тоа е Илија Абутовиќ. Мислам дека тој е еден од најзаслужните што ние ќе играме во Келн."

Љубомир Врањеш - тренер на Флензбург

„Вардар заслужи да победи, играше подобро од нас и во одбрана и во напад. Имавме проблеми со Штербик, немавме голем процент на реализација, а ако сакаш да победиш во оваа сала мораш да постигнуваш многу голови. Преземавме ризик кога игравме 7 на 6, но и тоа не функционираше, а исто така лош ден имаа и нашите голмани кои забележаа три интервенции. Заслужена победа за Вардар, ви посакувам успех во Келн, а ние се насочуваме кон следниот меч."

Кевин Милер - играч на Флензбург „Вардар заслужено победи и прикажа одлична игра и карактер. Целиот тим беше на врвно ниво. Јас сум импресиониран од атмосферата во салата. Не знам навистина што да кажам. Се боревме, но голманот на Вардар беше одличен, ние имавме многу лош ден. Честитки за Вардар и многу среќа во Келн."



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2017 11:08