Парламентарната група на Движењето Беса ќе поднесе барање до новоизбраниот претседател на Собранието на првата седница да формира парламентарна истражна комисија, која ќе ја открие целата вистина за тоа што се случи на 27 април и врз таа основа, да се преземаат неопходните мерки за сите што беа вклучени во овој случај.

– Минатиот четврток, 27 април, ќе биде запаметен како „крвавиот четврток“, ден на институционална жалост, кога на варварски начин, во Собранието беа нападнати пратеници, новинари и административен персонал и каде што се уништи сè од страна на една група хулигани, кои влегоа во Собранието маскирани и бунтовни, но и организирани, со елементи на терористички напад. Таму беше загрозен уставниот и безбедносниот ред, додека пред очите на полицијата беше нападнат највисокиот државен орган. Во оваа смисла, ние ја изразуваме нашата загриженост и жалост за тоа што се случи и истовремено го осудуваме овој грозоморен акт со пропорции на државен удар. Во оваа пригода, повторуваме дека надлежните државни институции не беа на должност и не презедоа соодветни мерки за да се спречи таквото насилство во Собранието – вели Њомза Имери Исамили, член на централното претседателство на Движењето Беса.

Од Беса бараат МВР, ОЈО и другите надлежни органи да не дозволуваат намерно да се минимизира расветлувањето на ова сценарио и вандалски акт да го третираат со голема сериозност, а причинителите да ја добијат заслужената казна.

Петте пратеници од Движењето Беса не гласаа за изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, но од партијата соопштија дека останале во салата за време на гласањето и дале легитимитет на изборот на новиот претседател на Собранието.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2017 13:20