Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во кабинетот на претседателот на Парламентот ги реафирмира позициите дека обидот за избор на претседател на Собранието со кршење на Деловникот и Уставот е нелегитимен.
На состанокот е присутен поголем дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, како и лидерот на партијата Никола Груевски и досегашниот претседавач со конститутивната седница Трајко Вељаноски.
Пратеникот Антонио Милошоски на својот фејсбук профил објави дека со пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ ги реафирмираат позициите меѓу кои и дека обидот за избор на претседател на Собранието со кршење на Деловникот и законите е нелегален и ниеден политички притисок тоа не може да го покрие.
- Против пратениците Мухиќ и Мисовски, кои превземаа неделовнички дејствија и предизвикаа политичко насилство, ќе поднесеме кривични пријави до надлежните институции. На Македонија во овие тешки и многу чувствителни моменти не и потребен нелегален претседател на Собранието, нелегална влада и создавање на тешки политички преседани со формирање на паралелни институции спротивни на Уставот кои можат да предизвикаат штетни и непоправливи последици. Ниту политичкото насилство, ниту физичкото насилство во Собранието не се за оправдување, ниту пак заради насилни поединци некој има право целиот мирољубив народ да го нарекува терористи, се дел од позициите кои се реафирмираат на состанокот.
Додека трае состанокот на коалицијата „За подобра Македонија“, во другите делови од собраниската зграда се расчистуваат оштетувањата што беа направени за време на нередите во четвртокот.