Во интервјуто за српски Курир од вторниот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по којзнае кој пат ја демонстираше својата политичка неартикулираност и склоност за давање паушални, необмислени, неточни и скандалозни оцени и изјави, а во низата гафови се истакнуваат уште неколку кои особено се интересни од аспетот на поддршката што за него ја даваат албанските партии.

Така, во еден од одговорите во вчерашното интервју за белградскиот медиум, Заев ќекаже дека „не значи дека македонска партија мора да биде дел од власта.

Имено, прашан да го објасни принципот за составување влада меѓу победничките партии во македонскиот и албанскиот блок, Заев вели дека според демократските принципи, тоа не значело дека македонската партија морала да биде дел од власта.

„Ние Македонците кои сме победници на изборите, во суштина кога формираме влада треба да ги имаме на ум малите етнички заедници и тоа не само албанската, туку и турската, ромската, влашката, бошњачката и сите други заедници, бидејќи тие се составен дел од нашата Македонија. Кога се натпреваруваат две српски партии, или две ромски партии, ред е да се почитува мнозинството граѓани Срби, Роми, Власи, Бошњаци, како би биле учесници во владата. Тоа се демократски принципи. Тоа не значи дека македонската партија мора да биде дел од власта“, вели Заев.

Натаму, лидерот на СДСМ во истото интервју без никакви докази за своето тврдење вели дека осудените во случајот „Монструм“ биле невини, односно дека немало никакви докази оти тие се виновни, а своето тврдење го базира на наводни прислушувани телефонски разговори.

Запрашан дали има докази кои расветлуваат што се случило на Смилковското езеро каде беа убиени четири деца и еден риболовец, Заев одговара: „Постојат разговори кои покажуваат дека за луѓето кои се во затвор нема никакви докази за тоа. Во разговорите не постојат докази кој тоа го направил, но постои сомнение дека власта е вмешана“.

Притоа, треба да се спомене дека во третата точка од Тиранската платформа, којашто ја прифати Заев за да ги добие потписите на албанските пратеници да го добие мандатот за формирање влада, се бара целосно расчистување на прашањата и запирање на судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” „преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган“.

Натаму, за човеот кој вонделовнички и насила беше минатиот четврток назначен за собраниски спикер, Талат Џафери, Зоран Заев вели дека тој „бил добар официр кој добро ги извршувал функциите“.

Запрашан за изборот на Џафери за претседател на Собранието, Заев вели дека Џафери „беше официр на нашата Македонска војска пред конфликтот во 2001 година“, а приота заборава дека Џафери, инаку уште од средношколска возраст кадар на поранешната југословенска армија ЈНА, споменатата година дезертираше од редовите на АРМ и се бореше во паравоената ОНА, познат како „Командант Форина“.

„После тоа стана пратеник во парламентот. Тој беше добар официр кој ги извршуваше своите функции“, сепак убедува Заев.

За Заев, очигледно добро извршување на фунциите од страна на Џафери значи неговото дезертирање од АРМ и приклучувањето кон ОВК за да се бори против Македонија. Талат Џафери досега на македонската јавност не ѝ кажа зошто дезертирал од Армијата на Република Македонија, само неколку дена по крвавиот масакр кај Вејце, каде во заседа на УЧК во 2001 година загинаа осум припадници на полициските „тигри“ и армиските „волци“, констатира во средата македонскиот портал Курир.

„Страшното е во тоа што и после убивањето на нашите соборци на нашите браќа, припадниците на УЧК кои што учествувале во заседата ги масакрирале нивните мртви тела и од блиску пукале во глава на тешко ранетите, нешто што е утврдено со обдукција од судска медицина. Дванаесет години потоа ние немаме одговор на прашањето зошто тие луѓе беа убиени, дали требаше да бидат убиени затоа што во претходните 20 дена имаше затишје, односно немаше никакви воени акции. Токму тој ден кога армиско полициската патрола била испратена на оваа кобна за нив патрола, дежурен во касарната во Тетово бил тогашниот командант Форина“, изјави на прес-конференција во 2013-та година првиот човек на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов, потсетува скопскиот Курир.

Покрај ова, лидерот на СДСМ го нападна и политичкото раководство кое е на власт во Белград, велејќи:

Во Србија постои исто такво националистичко раководство на господинот Вучиќ, кој себеси се декларираше како лидер во регионот, но во првиот момент кога дојде до тоа да е загрозена неговата политичка кариера се покажаа сите негови националистички позиции. Ја на политичарите, вклучувајќи се и себеси, гледам како нешто што поминува. Ние доаѓаме и одиме, но не треба да оставаме негативни последици помеѓу нашите земји. Можеби со ова што го говорам ќе повикам некои членови на српската влада, некои министри од Србија ми се пријатели, да кажат што се подобрило во односите меѓу Србија и Македонија откако е Груевски на власт, изјави Заев за Курир.

Извор: Нетпресс



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2017 10:45