Бројот на починати од новиот коронавирус во Италија во последните 24 часа се зголеми за 812, на 11.591, соопштија денеска италијанските власти.
Економистите од ОН денеска побараа 2.500 милијарди американски долари за земјите во развој и отпишување на нивните долгови од 1.000 милијарди американски долари за оваа година, за да им се помогне во пандемијата на коронавирусот.
Данска би можела постепено да ги олесни мерките воведени проади коронавирусот по Велигден, доколку бројот на новозаразени и смртни случаи остане стабилен, изјави денеска премиерката Мете Фредериксен.
Портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер изјави денеска дека ЕУ во околностите предизвикани од Ковид-19 работи на „принципите на демократијата и дијалог“ за да се дојде до заедничка стратегија за надминување на кризата.
Од холандски музеј кој е затворен поради пандемијата на коронавирусот, синоќа е украдена слика на холандскиот уменик Винсет Ван Гог чија вредност се проценува на еден до шест милиони евра.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, побара од американската администрација денеска поголема медицинска опрема за борба против Ковид-19 истакнувајќи дека бројот на смртни случаи во тој град, епицентар на епидемијата во САД, ќе се зголеми доколку помошта не пристигне до недела.
Германија се надева дека ќе почне со примена на апликација за паметни телефони во следните неколку недели за да помогне во откривање на инфекции на коронавирусот, откако се појави широко распространет политички консензус дека усвојувањето на моделот што го започна Сингапур може да биде ефикасен без да се наруши приватноста на луѓето.
Концертната сала „Ахој“ во Ротердам, во која во мај требаше да се одржи натпреварот за песна на Евровизија ќе се претвори во болница за лица заразени со коронавирусот во Холандија.
Унгарскиот Парламент го одобри денеска предлог-законот за одобрување вонредни овластувања на Владата на премиерот Виктор Орбан за време на пандемијата на коронавирусот.
Во Романија, 285 медицински работници се заразени со новиот коронавирус, јавија локални медиуми.