Довербата во преработувачката индустрија во јули годинава е зголемена за 0,1 процентен поен во однос на претходниот месец и изнесува 19,9, а во споредба со ланскиот јули е зголемена за 2,1 процентен поен, оценуваат раководителите на деловните субјекти.
Намален е бројот на издадени одобренија за градење во јуни во однос на истиот месец лани. Државниот завод за статистика денеска објави дека во јуни се издадени 205 одобренија за градење што е за 10,9 проценти помалку во однос на минатата година.
Прометот во индустријата во првата половина од годинава бележи раст од 11,9 проценти. Раст на прометот во индустријата е евидентиран и во јуни во однос истиот месец лани за 19,4 проценти, а во однос на мај годинава за 8,4 проценти.
За 4,4 отсто се намалени откупот и продажбата на земјоделските производи во второто тримесечје од годинава за разлика од истиот период лани.
Од денеска македонските праски нема да се извезуваат на рускиот пазар. И официјално стапува во сила одлуката на Русија со која се стопира увозот поради наводно пронајден црв во пратките.
Владата ја почнува постапката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Одлуката е донесена на денешната владина седница, а надлежните министерства се задолжени да номинираат членови во Комисијата за спроведување на постапката.
Два денара субвенција за килограм ќе добијат регистрираните откупувачи и трговците кои до 15 септември годинава ќе откупат индустриски сливи за најмалку пет денари или свежи сливи по минимум осум денари.
Британскиот, косовскиот и албанскиот се потенцијалните пазари за македонските праски, бидејќи од утре и официјално нема да се извезуваат во Русија, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Намалување на глобите за царинските прекршоци и воведување мандатен платен налог се дел од измените на Царинскиот закон што стапија на сила од 11-ти овој месец, а со кои, според директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, се излегува во пресрет на барањата на бизнис заедницата.
Само четири од вкупно 77-те компании – апликанти, добитници на средства од првиот повик од Планот за економски раст – трет столб се изјасниле дека во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција, или член на негово потесно семејство.