Завршени се над 70 проценти од градежните и машинските работи на на гасоводот Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола. Од предвидени 92 километра поставени се цевки од гасоводот во должина од 83 километри од трасата. За напролет се планираат испитувања за пуштање во употреба на гасоводот.

Изградбата што почна во февруари 2017 година треба да заврши во февруари следната година со што, според премиерот Зоран Заев, практично се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на државата. На магистралниот гасовод Неготино-Штип се извршуваат завршни работи, а магистралата Скопје-Тетово-Гостивар се очекува да заврши до крајот на следната година.

– Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и до граѓаните со што се отвораат можности да влеземе во фазата за определување на оператори на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат преносот од приклучокот на гасот до домаќинствата и до индустриските капацитети по конкурентни цени и затоа во овој процес многу е важно и општините да работат на изградба на општинската мрежа, истакна Заев, при денешниот увид во градежните работи на кракот од Неготино до Битола, еден од трите краци за севкупна гасификација, за кој годинава се одвоени 1,5 милијарда денари од државниот Буџет.

Заев најави можности за користење субвенции и евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема за пристап и избор на поевтин еколошки енергенс.

-Гасификацијата на земјата ќе донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетните гасови во воздухот. Еден дел од овој крак и гас ќе биде наменет за транзиција кога ќе дојде соодветно време, работата на РЕК Битола за производство на електрична енергија од јаглен да се врши со гас како енергенс за производство на електрична енергија. Остануваме отворени за сите добри решенија за граѓаните и во таа насока ќе продолжиме со реализација на еко-пријателски иницијативи, рече Заев.

Директорот на МЕР Бајрам Реџепи очекува до крајот на годината да бидат реализирани над 90 проценти од градежните активности.

– Навреме ќе ја завршиме оваа делница, а напролет ќе почнат испитувања за пуштање во употреба на гасоводот, изјави Реџепи, презентирајќи ја динамиката за инсталирање гасовод на подрачјето на пелагониските општини.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пак, ги повика градоначалниците од општините опфатени со гасоводот, во најбрз рок да ги изработат проектите што ќе ја овозможат секундарната гасификација и користењето на гасот како енергенс.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2019 15:57