Трипати поголема социјална помош, како гарантиран минимален приход, за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година.
Со зголемен регионален пристап во областа на патната и железничка инфраструктура и енергетика ќе се унапреди економската соработка на земјите во регионот и ќе се олесни трговската размена на стоки и услуги, порачал македонскиот министер за подобрување на регулативата за инвестицската клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ при учеството на Бизнис форумот „Иницијатива 3 мориња“ кој се одржува во Букурешт, Романија.
Македонската лесна преработувачка индустрија има голем потенцијал за развој, но во тоа суштинска улога ќе има вложувањето во квалификувана работна сила, порачаа учесниците на втората конференција „Macedonia Manufacturing Expo“, што се одржува денеска во Скопје, на која се присутни 60 македонски компании и 35 странски купувачи.
Со акционен план и повеќе околности ќе им олеснеме на граѓаните, меѓу кои и на пензионерите поефикасно електронски да се пријавуват. Во тоа ќе помогне и општината, рече директорката на Управата за јавни приходи на Македонија Сања Лукаревска при денешната посета на Прилеп.
Поради нереализираниот пласман на свежата зелка, преполовен е извозот на македонски зеленчук во Русија, а за четвртина е намален пласманот на македонското овошје во првото полугодие од годинава во споредба со истиот период лани.
Тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата ќе објави денеска Владата на кој ќе може се доставуваат понуди до 3 декември годинава.
Како идна членка на ЕУ Царинската управа на Македонија ги презема сите потребни чекори за усогласување со царинското законодавство на унијата. Извршени се промени на царинскиот закон со што е овозможено прилагодување на нашето законодавство со тоа на ЕУ во контекст на овозможување на меѓународно признавање на коцептот на овластен економски оператор, истакна Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа на Република Македонија на промоцијата на овој концептот во Струмица.
Пролонгирано е пуштањето за сообраќај на автопатот Штип-Миладиновци, за половина месец, поради дополнителни градежни работи и врнежите од дожд. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов, градоначалниците на Штип и Свети Николе, Благој Бочварски и Сашко Велковски денеска направија увид на градежните работи.
За подобро и полесно позиционирање на пазарот, остварување деловни партнерства, интернационализација, иновации и отворање нови работни места, малите и средните претпријатија (МСП) да ја искористат Европската мрежа на бизнис можности, апелира Стопанската комора на Македонија.
Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат од половина до денар и половина по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).