На покана од Државната опера од Стара Загора, Македонската опера и балет на 4 декември ќе гостува во тој бугарски град со операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, во режија на Урсула Хорнер од Австрија и под диригентство на Иван Еминовиќ
Центарот за културно и духовно наследство денеска напладне во Музејот на македонската борба ќе отвори изложба на Дарко Николовски – „На маргините на Скопскиот Регион, сакрални објекти и рурална архитектура“.
Во Мултимедијалниот центар Мала станица вечер од 19 часот ќе биде отворен 11. Скопје постер фестивал, кој годинава ќе се одржува под мотото „Моќта на плакатот” и ќе може да се посети до 6 декември.
Еврејската заедница во Република Македонија вечер од 19.30 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе го одбележи Европскиот ден на еврејската култура.
Фримзим Даути е назначен за директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје.
Во 75-тата година од животот вчера почина Мите Грозданов, доајен на македонскиот театар, актер на Драмски театар-Скопје каде што работеше од 1967 до пензионирањето во 2008 година.
Наградата „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм на 9.Мобил филм фестивал ја доби рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова. За најинвентивен филм е награден шпанскиот „Сенки на радио на Истокот“ на Начо Ресио, за најоригинална приказна награда доби „Чевли“ на Филип Петрески, а ирачкиот филм „Аилан” на Јубраил Абубакер е награден за најдобра идеја.
Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Скопје од денеска до вторник од 18 часот во Кинотеката на Макединија ќе прикаже три филма од најновата продукција во Норвешка.
Музичкото радио Канал 103 вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар на два подиума организира целовечерен фестивал „103 Генерации“ со бендови и музичари од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија за 2018 година. Во фоајето на кино „Фросина“, пак, ќе настапат диџеите од Стотројка.
Денеска почина академик Боро Митриќески, еден од великаните на македонското вајарство.