Жителите на светниколското село Кадрифаково денеска прв ден излегоа на протест кај новиот надвозник на автопатот Штип - Миладиновци што треба да ги поврзе со соседните села и новиот автопат. Бараат измена на трасата, зашто надвозникот, велат, минува низ нивните дворови и ќе им ги урне шталите и дел од куќите.
Со оддавање почит, полагање свежи цвеќиња и со панихида за загинатите руски војници од Првата светска војна пред спомен-плочата и крстот на Германските гробишта во Прилеп беше одбележан 1 август, Денот на сеќавањето.
Седиштето на најголемата винарска визба „Тиквеш“ од Скопје се враќа во Кавадарци. Првичното седиште на компанијата беше во Кавадарци, а од пред неколку години досега тоа беше преместено во главниот град. Ова денеска го соопштија градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев и генералниот директор на „Тиквеш“ Радош Вукичевиќ.
Националниот Ромски Центар Куманово ги повика граѓаните да учествуваат на маршот посветен на жртвите на Холокаустот на Ромите. Маршот, најави извршниот директор на НРЦ, Ашмет Елезовски ќе се одржи на 3 август, а ќе започне во 9:30 часот, од пред Стара Пошта во Скопје.
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на новата автобуска станица и на поставување камен-темелник на трговски центар „Охрид Мол“, кои се инвестиција на компанијата „Делфина турс“. Автобуската е на истата локација, на влезот во Охрид, и ќе биде во комплекс со трговскиот центар, кој се очекува да биде готов идната година.
Општина Штип и годинава е дел од Програмата за општокорисна работа. Раководителот на Секторот за јавни дејности во општина Штип, Билјана Казанџиска на денешната прес-конференција рече дека со оваа програма ќе бидат опфатени вкупно 10 невработени лица кои ќе работат со скратено работно време во период од девет месеци.
По 20 години од исчезнувањето на последните единки на европскиот црн мршојадец во Бугарија, започна негова реинтродукција во рамки на европски проект од програмата Лајф со пуштање на слобода на две млади единки на Стара Планина.
Пренасочувањето на сообраќајот и заобиколувањето на главните патни правци предизвикани од изградба или реконструкција на патиштата можат да го загрозат безбедното одвивање на сообраќајот. Исто така, во опасност може да биде доведен и животот на градежните работници, возачите, патниците, пешаците велосипедистите, предупредува Републички совет за безбедноста во сообраќајот.
Пред споменикот на двата Илиндена и во црквата „Свети Архангел Михаил“, каде се наоѓа заедничка гробница на паднатите востаници во струшкото село Ташмаруништа, утре ќе биде одбележан 2 Август - Денот на Илинденското востание.
Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“-Битола, пет години по пожарот и целосното уништување на планинарскиот дом „Копанки“ почна акција за собирање донации и враќање на планинарскиот дом во првичната состојба.