Претседателот на Владата Зоран Заев денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на новата автобуска станица и на поставување камен-темелник на трговски центар „Охрид Мол“, кои се инвестиција на компанијата „Делфина турс“. Автобуската е на истата локација, на влезот во Охрид, и ќе биде во комплекс со трговскиот центар, кој се очекува да биде готов идната година.
Претседателот на Владата истакна дека инвестицијата за автобуската станица и трговскиот центар е вредна околу седум милиони евра, нагласувајќи дека тие ќе бидат ново одбележје на Охрид.
- Како јавна администрација, независно дали државна или локална, ние ги продолжуваме сите убави работи почнати и пред нас, со што испраќаме порака до инвеститорите за стабилност во државата, свесни дека секој влез во слични инвестиции бара голема деловна храброст и вложувања, рече Заев во обраќањето.
Изрази задоволство што се работи за домашна инвестиција, со што од една страна овозможува приход на локално и на државно ниво, отвора нови работни места, создава услови за раст на платите, но испраќа и порака на охрабрување за останатите потенцијални инвеститори.
- Ова е само еден дел од мозаикот. За да се зголеми туристичката посетеност на Охрид, треба да се исполнат многу предуслови. Охрид е убав сам по себе, но никогаш не е доволно да се инвестира во негов развој. Продолжува изградбата на автопатот кон Кичево, се рехабилитира делницата Кичево – Гостивар, а се работи проектната документација за изградба на нов пат кон Ресен, се со цел инфраструктурно Охрид да биде попристапен за сите гости, рече меѓу другото Заев, најавувајќи поддршка на сите развојни бизнис-планови.
Сопственикот на „Делфина турс“ Аднан Исмаил истакна дека од денеска Охрид има современа автобуска станица со модерни сервисни и услужни простории, со вкупна површина од 1.100 метри квадратни, како и соодветен терминал со осум појдовни и исто толку дојдовни перони.
Проекциите се, рече тој, веќе наредната година во комплексот да биде ставен во употреба и новиот трговски центар, со деловен простор на површина од десет илјади метри квадратни и сопствен паркинг-простор од осум илјади квадрати.
- Уверени сме дека со автобуската станица и трговскиот центар Охрид ќе добие нови современи одбележја, но и нови работни места со што ќе придонесеме за спречување на заминувањето на младите. Бизнис-заедницата верува во политиката на Владата, особено сега кога сме пред вратите на НАТО и ЕУ. Тоа ќе значи нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати, рече сопственикот на „Делфина турс“.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски изрази задоволство што Охрид од денес добива капитален објект што ќе придонесе за подобрувањето на општата слика за градот, а со новите содржини во рамки на комплексот ќе се подобри и севкупната туристичката понуда.