Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во вечерашното гостување во Дневникот на Алсат ТВ, ја истакна посветеноста на Владата за стабилизирање на буџетот и унапредување на платите во различни сектори, вклучително и јавната администрација.
Во изминатите шест месеци, Владата успешно ја адресира катастрофалната состојба во буџетот, предвидувајќи зголемување од 8% во просек за вработените во јавната администрација во рамки на новите законски решенија.
„Ова усогласување на платите во јавната администрација од 8% е дел од новите законски решенија предложени од Министерството за јавна администрација, со што обезбедуваме усогласување на платите со моменталната просечна плата, а не со минималната плата, што беше едно од главните барања на синдикатите” - изјави Минчев.
Веќе се реализирани зголемувања на платите во неколку клучни сектори, како што се Министерството за образование и Министерството за здравство, како и зголемени пензии за пензионерите, кои добија дополнителни финансиски средства од по 2.500 денари во првата транша, а уште 2.500 денари ќе добијат во март оваа година.
„За одредени категории на вработени во јавната администрација, зголемувањето ќе достигне до 13%, во зависност од работната позиција, што е јасен показател за напорите на Владата да обезбеди фер и одржливи решенија“ - додаде Минчев.
Во врска со евентуалната криза во јавната администрација доколку не се обезбедат барањата од страна на синдикатите, Минчев истакна дека не гледа основ за такво сценарио, бидејќи Владата во само шест месеци направи значајни чекори за подобрување на условите во јавниот сектор.
„Во првите шест месеци од мандатот, оваа Влада постигна конкретни резултати, додека претходната Влада, во седум години, речиси ништо не направи за подобрување на состојбата. Не би сакал да мислам дека овие протести имаат политичка заднина“ - рече Минчев.
Минчев најави дека во текот на утрешниот ден ќе одржи средба со претседателите на Сојузот на синдикати на Македонија и УПОЗ за разгледување на нивните барања и подобрување на условите за работа во јавниот сектор.
Тој се осврна и на ефикасноста на јавната администрација, нагласувајќи дека моменталниот капацитет за работа е околу 30-40%. За да се постигне поголема ефикасност, потребна е доедукација и преедукација на вработените, со цел да се решат проблемите со прекумерна или недоволна застапеност на кадри во одредени сектори.
„Нашата цел е да создадеме ефикасна јавна администрација која ќе биде во служба на граѓаните“ - заклучи Минчев.