Лионел Меси постигна хет – трик, го постигна 50-тиот гол на домашен терен во Лигата на шампионите и го сруши рекордот на Раул, триото Меси – Суарез – Нејмар ја надмина 100-ката по само два месеци од новата сезона, Барса го одигра 1500 – тиот натпревар во својата историја. И сето ова против неприкосновениот “татко“ на Лео Меси и Барса, Пеп Гвардиола. Каталонците со 4:0 славеа против граѓаните во натпреварот од третото коло во лигата на шампионите а резултатот можеше да биде и повисок доколку Нејмар го реализираше ударот од белата точка иако по само две минути од неговото промашување го постигна четвртиот гол за Каталонците. Играчите на Манчестер Сити изгледаа немоќно на Ноу Камп а беа и ослабнати од како Браво доби црвен картон во 53-тата минута.
Селтик пак неочекувано загуби на домашен терен од Борусија Менхенгладбах која со головите на Штиндл и Хан во второто полувреме ја забележа првата победа во рамки на групата Ц.
Барселона, очекувано, е на првото место на табелата со освоени 9 бода, Сити е втор со 4 бода, Борусија е на третото место со освоени 3 бода, додека Селтик е на последното место со само 1 освоен бод.