Со службен резултат 3:0 за домашната репрезентација. Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска го регистрираше натпреварот од Лигата на нации меѓу Романија и Косово, кој не се доигра на 15 ноември откако косовските фудбалери го напуштија теренот во Букурешт поради скандирање од трибините.
Косовските фудбалери се повлекоа во соблекувалната во петтата минута од судиското надополнување при резултат 0:0, додека домашните навивачи скандираа „Косово е Србија“ и „Србија, Србија“.
Како што попладнево објави УЕФА, Дисциплинската комисија на раководното тело на европскиот фудбал одлучи да го регистрира натпреварот со резултат 3:0 за Романија, бидејќи играчите на косовската репрезентација го напуштиле теренот и се одговорни за тоа што натпреварот не се играше до крај.
Фудбалскиот сојуз на Косово е казнет со 6.000 евра поради недолично однесување на тимот.
Воедно, Фудбалскиот сојуз на Романија е казнет со 50.000 евра, како и еден натпревар без присуство на домашна публика поради расистичко или дискриминаторско однесување на навивачите, истакнување провокативни политички пароли, фрлање предмети на теренот и палење факели.
Романската страна е казнета и затоа што навивачите користеле ласер, ги блокирале приодите и се однесувале недолично при интонирањето на националните химни.