Директорот на зоолошката градина во Белград кој е член на Белградскиот Лајонес клуб на своите колеги во Македонија им подари два црни лебеда.
Во водите на охридското езеро денес беше пуштена женката Лилит која успешно го поминала 30 дневниот период на адаптација додека машкиот лебед Адам ќе заплива во охридското езеро за една недела поради потребата од дополнително прилагодување на новата средина.
-Овој проект го реализираме во соработка со зоолошката градина од Белград, Србија, со која успешно пред извесно време реализиравме проект за враќање на белиот паун во манастирот Св. Наум. Пауните успешно се адаптираа во Св. Наум, а се надеваме дека и црниот лебед ќе се аклиматизира и ќе создаде колонија на Охридското Езеро каква што има белиот лебед изјави Зоран Тунтев член на Лајонес клубот Лихнидос од Охрид.
Тунтев потенцираше дека оваа убава птица во седумдесетитте години од минатиот век живеела во водите на Охридското езеро но поради човечка негрижа и криволовство од страна на човечкиот фактор со тек на времето исчезнала.
-Црниот лебед страда најмногу од човекот. За жал во седумдесеттите години оваа птица била убивана со пушки и не преживеала. Токму затоа ја спроведуваме оваа акција за враќање на црниот лебед и за да го разубавиме ионака најубавото Езеро додаде Тунтев.