Центристот Еманеул Макрон е избран за нов претседател на Франција, откако според првите проекции на изборните резултати на денешниот втор круг од претседателските избори освоил 65,5 отсто од гласовите.
Како што јавуваат од Париз, со ова 39-годишниот Макрон станува најмладиот претседател на Франција и осми по ред на Петтата Француска Република.
Макрон, за кој на почетокот на изборната кампања за првиот круг на изборите беше оценувано дека има „нејасна програма“, сепак успеа да стане претседател на Франција.
Центристот, кој вели дека не е припаѓа ниту на левицата, ниту на десницата, набрзо стана се попопуларен, а во текот на кампањата доби и поддршка од значајни политички фигури во Франција, меѓу кои од лидерот на центристичкото Демократско движење (Модем), Франсоа Бајру и од министерот за одбрана, социјалистот Жан Ив Ле Дријан.
Макрон е „чист производ на елитните школи во Франција“ со изглед на „идеален зет“ за секоја мајка која има ќерка. Банкар по професија, тој влегува во политиката во 2012 година како советник на актуелниот претседател Франсоа Оланд, а две години подоцна станува министер за економија.
– Макрон има добра интуиција, токму поради тоа што беше надвор од традиционалните политички текови кои ја изгубија свежината и станаа потрошени и застарени, изјави Оланд во една прилика.
Макрон во август 2016 година поднесе оставка на местото министер за економија и најави основање на центристичката партија Напред (ЕМ), чија кратенка е идентична со неговите иницијали Е.М. Неговата партија сега има 260.000 членови, меѓу кои е и внукот на поранешниот десничарски претседател Жак Ширак.
Младиот француски политичар и нов претседател на Франција, привлекува внимание и поради интересниот приватен живот.
Макрон е во брак со 24 години постарата Брижит Троњо, негова поранешна професорка по француски јазик и литература во средното училиште. Тие се сретнале кога Maкрон имал само 15 години, а се зближиле за време на организирањето на една училишна престава. Брижит тогаш била во брак и имала три деца. Денес таа има 63 години и седум внуци.
Двајцата од почетокот молчеле за нивната врска, но неговите родители наскоро дознале и жестоко се спротивставиле на неа. Родителите на Макрон верувале дека Макрон преку професорката се обидува до дојде до нејзината ќерка и биле шокирани кога сфатиле за што станува збор.
Инаку, помалата ќерка на Троњо, која има 30 години, работеше во кампањата на Макрон. Најстариот син на Троњо е две години постар од Макрон, а постарата ќерката, за која првично родителите на новиот претседател мислеле дека е негова девојка, е на иста возраст како него.
– Нашата разликата во годините никому немаше да биде чудна ако тој беше постар од мене, изјави Троњо. Со меѓусебен договор тие решиле да немаат деца, а Троњо е многу ангажирана во животот на нејзиниот сопруг и за време на кампањата.
Сепак сега останува најтешката задача за Макрон. Тој ќе треба да ја обедини Франција и да не заборави дека многу Французи не излегоа да гласаат на изборите или уфрлија неважечки или празни ливчиња. Мора да се има предвид и дека многу од оние кои гласаа за него, всушност гласаа против неговата противкандидатка Марин Ле Пен.
Прва проверка за Макрон ќе бидат изборите за членови на долниот дом на францускиот Парламент, Националното собрание, што ќе се одржат во јуни. Овие избори ќе бидат многу важни за Макрон, бидејќи се поставува прашањето дали тој ќе успее да обезбеди парламентарно мнозинство во Националното собрание за да може успешно да управува со Франција, посебно во услови кога во горниот дом, Сенатот, мнозинство имаат конзервативците.
Примопредавњето на функцијата меѓу Оланд и Макрон е предвидено за 14 мај, кога треба да биде формирана и нова Влада, која веројатно ќе нема парламентарно мнозинство до претстојните парламентарни избори.